• петок, 19 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

27 март 2023

Охрид  – Изминатиот викенд во Париз беа одржани неколку манифестации посветени на ликот и делото на големиот македонски онколог и научник д-р. Анастас Коцарев, по повод 113-годишнината од неговото раѓање и 92-годишнината од упокојувањето.

Чествувањата на Коцарев беа заокружени вчера со комеморативна церемонија одржана на неговиот гроб во париската општина Бонди, на која меѓу другите присуствуваа градоначалниците на Охрид, Кирил Пецаков и на париската општина Бонди, Стефен Ерве, како и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев и членови на семејството Коцареви од Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Пецаков, го потенцираше значењето на делото на д-р Анастас Коцарев како една ретка и уникатна приказна на човек кој му подарил „големо нематеријално наследство“ на светот и најави низа иницијативи кои во координација со општина Бонди ќе се реализираат етапно, од именување улици и објекти во двете општини со неговото име, обележување на местата каде живеел и творел, до подготовки за пренесување на гробот на научникот во Охрид и отворање на музеј во неговиот роден град.

Делчево - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП Национални Шуми денеска (11.30) организира акција за пошумување и обнова на опожарена површина со пожарите од 2021 година на територија од општина Делчево. Збирно место за сите учесници од каде организирано ќе се упатат кон локацијата за пошумување е подружницата Голак Делчево во 11 часот.На локацијата предвидено е да се засадат садници од багрем и црн бор, произведени од расадникот на ЈП Национални шуми Дервишица во Делчево.

Согласно програмата за проширена репродукција на Министерството за годинава е предвидено пошумување површина од 51 хектар, каде ќе се засадат околу 102.000 садници.

Крива Паланка - Со финансиска поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија годинава Националната установа Центар за култура Крива Паланка ќе имплементира четиринаесет проекти од различни дејности: драмска, литературна, фолклорна, сценско -уметничка и ликовна.
 
Директорот на НУЦК, Крива Паланка, Дарко Стоилковски најави дека проектите се планира да опфатат најголем процент млади, она што е значајно е дека опфатени се сите дејности од областа на работењето на установата.
 
-Од областа на драмската дејност планирани се работилници и поставка на драмски текстови под менторство на Енџи Николовска, со што ќе се одржи континуитетот на работа на драмското студио, како една од носечките дејности заедно со ликовната и литературната. Како проекти од национален интерес во областа на ликовната дејност ќе се реализира самостојна изложба графики од младиот паланчанец, Стефан Јакимовски, поранешен член на ликовното студио со кое раководи академскиот сликар Роберт Цветковски,  подучувајќи ги младите таленти кои понатаму продолжуваат на универзитетите за ликовна уметност и архитектура. Покрај оваа изложба, ќе има уште две, превземени изложби и креативна работилница за млади, рече Стоилковски.

Охрид  - Сите субјекти надлежни за управување со природните ресурси на Охридското Езеро се чини дека прават напори да ги спроведат неопходните активности за негова заштита, се работи на проблематиката, но не може да се оттргне генералниот впечаток дека активностите се одвиваат бавно, несоодветно обмислено, со импровизации без соодветна вклученост и консултација на експертската јавност.

Проектот за реконструкција на Кејот на езерото во Охрид што предвидуваше дополнителен зафат во литоралниот дел на езерото, мегаломанскиот нацрт-проект за изградба на марина за пловни објекти во Студенчишкото блато, примерите со несоодветното стопанисување со рибниот фонд во Езерото заедно со рибокрадството, нерегулираните концесии недвосмислено ја потврдуваат негативната практика за дополнителен антропоген притисок врз и онака преоптоварениот еко-систем. Таквите примери оставаат впечаток на дилетантизам, отсуство на познавања за потребата од систематски приод во справувањето со проблемот, што е далеку од доменот на одговорно општествено управување со еден таков светски природен резерват стар повеќе од два милиони години.

Остани поврзан