МИА Општински пул
- 17 април 2025

17 aприл 2025
Скопје - Единаесетта година по ред, ТАВ Македонија учествува во хуманитарната акција „Подај рака” со која заедно со општина Илинден помага на луѓето кои живеат во околината на скопскиот аеродром
Како дел од хуманитарната иницијатива „Подај рака“, а во пресрет на големиот христијански празник Велигден, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, денеска, 17-ти април, донира пакети со прехранбени производи и со хигиенски средства за 37 семејства од Општина Илинден, кои живеат во социјален ризик.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и заменик-генералниот директор на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, утрово се сретнаа со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски во Домот на културата на Општината, каде што ги предадоа хуманитарните пакети за семејствата од ранлива категорија.
“Среќен сум што уште една година, во време кога солидарноста е поважна од кога и да било, можеме да направиме голема разлика во нечиј живот. Повторно покажуваме дека заедно со Oпштина Илинден и со Црвен Крст можеме да донесеме надеж во нечие срце, топлина во домовите на оние кои се соочуваат со економски тешкотии. Секое семејство заслужува топла атмосфера и чувство дека не е заборавено. Мисијата на ТАВ Македонија, како општествено одговорна компанија, не е само да работиме успешно, туку и да живееме одговорно – за луѓето, за заедницата, за иднината”, порача Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Кавадарци - Ученици вапсуваа велигденски јајца со природни бои во Кавадарци. Денешниот настан беше во организација на Вински музеј за регион Тиквеш, во соработка со основното општинско училиште ,,Страшо Пинџур". Велигденските јајца се вапсуваа со лушпи од кромид, куркума и растение броќ.
- Целта е заедно со младите да ја испочитуваме традицијата, а истовремено да ги научиме дека најдобро е да се вапсуваат велигденски јајца со природни бои, користејќи и ливчиња од природата. Учениците изработија прекрасни креации, а самите подготвија и кошнички од хартија во кои ги ставија велигденските јајца, рече за МИА, директорката на Вински музеј, Елизабета Ристова.
Учениците креираа потпомогнати од нивните наставнички и музејските работници.
Зборувајќи за народната традиција околу велигденските празници, Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј галерија, пред учениците рече дека со обичаи и верувања особено е исполнет Велики четврток, посебно внимание е вапсувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапсувале три јајца, а потоа и другите, првото јајце било наменето на Господ-Господово јајце, второто на домаќинот-глава на семејството, а третото на стоката и бериќетот.
Струмица - Во Струмица почна изградбата на вториот по големина парк во градот, во населбата „Карпош“, на површина од близу 40 илјади метри квадратни, на која претходно беше беше предвидено да се гради трговски центар.
Според градоначалникот Костадин Костадинов, кој денеска присуствуваше на почетокот на изградбата на новиот парк, било одлучено дека на Струмица и се доволни згради и трговски центри, односно како што истакна, на градот му треба раззеленување наместо бетонизација.
-Сметаме дека на цела Струмица, а особено на населбата „Карпош“, како нов дел од градот, и треба голем парк кадешто родителите заедно со своите дечиња, пензионерите коишто живеат во овој дел од градот, децата од детската градинка „Виножито“ ќе имаат свое катче каде што ќе можат да си реализираат нивни едукативни програми, да се социјализираат и да поминуваат убаво време исполнето со здравје, среќа и секако мир насекаде, рече Костадинов.
Информираше дека ова е првата фаза од изградбата на новиот градски парк, а средствата во висина од 350 илјади евра се обезбедени од ИПА-ИНТЕРРЕГ програмата на Европската унија.
-Од мое лично име и од име на општина Струмица и од граѓаните и граѓанките сакам да се заблагодарам на ЕУ и европските даночни обврзници што веруваат во мојата и визијата на мојот тим и што инвестираат сериозни средства. Првата фаза е 350 илјади евра, грант којшто нема да имаат обврска идните генерации да го враќаат. Ние не земаме кредити, напротив, благодарение на стручниот тим од Секторот за ЛЕР и Одделението за меѓународна соработка и европски фондови, добивме грант од 350 илјади евра ова ругло да го претвориме во зелена оаза со сите содржини, коишто можат да ни дадат право ова место да го наречеме парк, додаде струмичкиот градоначалник.
Скопје - Во рамки на урбаниот ден на Општина Ѓорче Петров, завршени се градежни активности за комплетна реконструкција на дел од најстарите и најоштетени улици во населба Дексион. Се работи за улици кои повеќе од пет децении немале ниту еден обемен зафат на санација.
Во текот на изминатиот период, во оваа населба се реконструирани:
ул. Црногорска 2 – во должина од 600 метри и површина од 2.000 м²
ул. Љубин – 150 метри / 900 м²
ул. Александар Македонски – 200 метри / 1.000 м²
ул. Андреј Зограф – 160 метри / 1.100 м²
Со тоа, вкупно се асфалтирани 1.110 метри и над 5.000 квадратни метри површина, со вкупна инвестиција од 4.900.000 денари.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека реконструкцијата на овие улици претставува исполнување на едно од главните барања на жителите на населбата Дексион и уште еден конкретен чекор во реализацијата на програмата за подобрување на локалната инфраструктура.
Тетово - Претседателот на Движење Беса Биљал Касами оцени дека нема да има криза во владината коалиција по одлуката на Алијанса на Албанците на Таравари самостојно да оди на изборите за совети на општините. Од друга страна дефинитивно нема да има соработка на коалицијата „Вреди“ со АА на Таравари на локалните избори за градоначалници.
- Тоа поглавје е затворено, а ние како коалиција „Вреди“ одлучивме да одиме заедно со градоначалници и со членови на советот и советници, а што се однесува до владина криза, нема таква можност, Владата има стабилно мнозинство. И самиот Таравари кажа дека не е подготвен да излезе од владината коалиција, изјави денеска од Тетово, Биљал Касами.
Според него, владиното мнозинство може и да се зголеми.
- Од друга страна веќе има понуди и барања разговори со други политички фактори во делот на опозицијата кои се подготвени да бидат дел од владиното мнозинство, така да ценам дека оваа ситуација нема да ја разниша и Владата, напротив, владиното мнозинство ќе биде уште поголемо, одговори Касами на денешните новинарски прашања за политичките теми по настан од општината.
Тој присуствуваше на отворањето на „Инфо центар” во близина на градскиот плоштад.
Кочани - На свеченост што се одржа во локалната самоуправа на Кочани денеска на 25 возрасни лица им беа доделени свидетелства за дооформено основно образование, во рамки на проектот за дообразување што во текот на 2024 година го спроведе невладината организација „Ромалитико“.
Свидетелствата им ги врачи в.д градоначалникот Венко Крстевски, а беше нагласено дека проектот се реализира втора година по ред и е влезен во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани.
Лицата без основно образование, кои главно се од ромска етничка припадност, покажале голем интерес за дооформување на образовниот статус откако во 2023 година свидетелства добиле 12 возрасни граѓани.
-За потребите на проектот, заедно со „Ромалитико“, минатата година обезбедивме 400 илјади денари со што овозможивме основното образование да го комплетираат двојно повеќе лица. Во програмата за 2025 година повторно се планирани средства за оваа намена и очекуваме таа да се реализира до крајот на годината. Со оформување на основното образование ќе можеме да ги вклучиме во програмата за општинско корисна работа и да заработуваат, наместо единствен приход да им е социјалната помош, истакна Аника Горгиева Илијевска од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.
Струмица - За 24 правни лица за кои е констатирана неправилност и во законските определени рокови не постапиле денеска доставивме списи до Секторот за урбанизам при Општина Струмица со насоки за постапување. Компаниите кои не постапиле според констатираните забелешки на инспекторите го губат правото да добиваат одобрение за користење јавна површина, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот, Костадин Костадинов.
Тој им се заблагодари на сите угостители кои соработувале и постапувале согласно законските одредби. Побара од Секторот за инспекциски работи при Општината да постапи согласно овластувањата и да достават известување до Државниот пазарен инспекторат за да дејствуваат во рамките на своите надлежности, а кои се однесуваат на вршење дејност според сите законски норми, стандарди и важечки прописи.
Во објавата на Костадинов се наведува дека компаниите кои постапиле согласно констатацијата на инспекторите не добиваат решенија и не го губат правото на користење на јавна површина.
Тетово – Во непосредна близина на тетовскиот плоштад почна да функционира Инфо центар за туристи и посетители. Освен за информации во овој привремен објект се нудат и сувенири и промотовни материјали за градот Тетово и знаменитостите во околината.
- Денес сме тука во центарот на Тетово за да промовираме овој туристичко информативен центар, со што општина Тетово конечно станува дел од туристичката мапа и станува налик на европски град. Овој центар ќе биде отворен секој ден од 8 до 18 часот. За понатаму, ако има потреба да може да се продолжи работното време, истакна градоначалникот Биљал Касами
Ќе се промовираат материјали за Тетово за сместувачките капацитети, хотели, за рестораните.
- Исто така ќе можат да се промовираат и занаетчиските производи на локалните мали занаетчии и други промотивни материјали, како што се слики и фотографии со пејзажи, мотиви од Тетово и Попова, Шапка и Шар Планина. Со ова цениме дека придонесуваме на бројот на посетителите и туристи на Тетово да се зголеми и полека на овој начин Тетово да стане европски град, рече Касами.
На новинарските прашања кои чекори ги презема општината за да ја унапреди можноста Тетово да биде посетен од туристи, Касами посочи дека се подготвени за се што се однесува на зачувување и промоција на културното наследство.
Кочани – Општина Кочани ќе почне постапка за стипендирање на ученици кои од наредната учебна година ќе се запишат на машинската струка во средното техничко училиште „Гошо Викентиев“.
Иницијативата произлегува по средбата што в.д. градоначалникот Венко Крстевски ја оствари со раководните служби во училиштето, за да се стимулира намалениот интерес за изучување на насоките од секторот машинство, наспроти зголемените потреби од ваков кадар на пазарот на трудот.
Училиштето денеска симболично го одбележа патрониот празник по повод 105 години од раѓањето и 81 година од смртта на првоборецот Викентиев, а општинска, училишна и делегација од семејството Викентиеви положија свежо цвеќе пред бистата во училишниот двор.
На патрониот празник за ученик на генерацијата во електротехничката струка беше прогласен Драган Хаџи Василев, од машинската струка признание за ученик на генерацијата доби Илија Охoмуш, а за најдобра од сообраќајната струка беше прогласена Мартина Митева.
Најуспешните ученици добија и парични награди од Фондацијата „Викентиев“.
Битола - Вечер во Битола со концерт на францускиот уметник Лорент Колондри, почнува 8. издание на интернационалниот Џез фактори фестивал.
Колондри е врвен француски џез пијанист, познат по својот иновативен пристап кон музиката, добитник е на неколку престижни награди и соработувал со истакнати џез уметници, информираа прганизаторите на фестивалот.
-Ние почнавме во 2011 година и ако изброиме се повеќе од 14 години, со работилниците Jazz Factory for Kids, кои во 2018 година прераснаа во фестивалот кој што денес го живееме. Секоја година се трудиме максимум со нашите средства, да стигнеме до програма која што ќе ги заинтересира пред себе жителите на Пелагонискиот регион, истакна директорот и основач на фестивалот Сашо Поповски и јавно се заблагодари на компанијата МИНТ која на фестивалот подари контрабас.
Струга - Општина Струга објави јавен повик за пријавување штети на земјоделски насади предизвикани од природна непогода од снежни наноси и ранопролетна голомразица, која ја зафати општината на 6 април годинава.
- Општина Струга ги повикува граѓаните кои имаат материјални штети на земјоделските насади предизвикани од природна непогода од снежни наноси и голомразица који ја зафатија Општина Струга на 6 април, да пријават штета на своите насади со барање кое е достапно во просториите на архивата на Општина Струга, стои во јавниот повик.
Покрај барањето, потребни се копии од имотен лист, лична карта, трансакциска сметка и доказ за користење на земјиштето за насади.
Во проценка, како што е наведено, ќе влезат земјоделските култури, постари од три години, кои имаат повеќе од 20 стебла или корени.
Скопје - ЈП Македонијапат информира дека патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од денеска е отворен за сообраќај.
Овој патен правец е отоврен за сообраќај за патнички возила и возила со носивост до 3,5тони.
Куманово - Граѓани на Куманово поднесоа петиција до Советот на Општината, барајќи итно ослободување на тротоарите од непрописно паркирани возила, соопшти денеска претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска. Таа нагласува дека досега не е разгледана, но советниците се информирани.
- Треба да се размислува за понатамошни чекори, но во претходна координација во рамки на Советот со координаторите, а потоа и останатите инволвирани институции и постепено да се регулираат паркинзите во Куманово, рече Ѓорѓиевска.
Ѓорѓиевска вели дека нејзин личен став е постепено да се исцртуваат зоните, да се обезбедат услови граѓаните да ги паркираат автомобилите. Во петицијата не се наведени локации, туку се бара отстранување на возилата. Проблем е што дел од зградите, градени во седумдесеттите, осумдесеттите години немале на понуда паркинг. По извесен период се менувале ДУП-овите и изградени се други објекти, па и згради. Паркинг простор воопшто и да нема. Таков е случајот со улицата „Доне Божинов“ каде тамошните станари немаат простор за паркинг.
Дебар - Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги повика Македонците по потекло од Албанија, а живеат и работат во странство да гласаат за Васил Стерјовски за тој да продолжи да биде силен македонски глас во албанското Собрание.
- Драги наши Македонци, чии корени влечат од Преспа, Врбник, Корча, Подградец, Билишта и сите други населени места од Округот на Корча, кои денес живеете и работите надвор од Албанија. Дојде време повторно да се слушне вашиот глас. На 11 мај 2025 година вашето право на глас значи сила за целата македонска заедница во Албанија, стои во повикот.
Се додава дека Државната изборна комисија започна со доставување на гласачките ливчиња преку пошта, и на нив, „во колоната број 5, ќе го најдете името на Васил Стерјовски, човекот кој достоинствено нè претставува, кој се бори за нашите права, нашиот идентитет, нашата култура".
- Ако сакате да го поддржите, ставете знак до неговото име. Само тоа е доволно.
А ако сакате, можете да гласате и за Социјалистичката партија со знак во квадратчето број 5. Но најважно од сè – гласајте за гласот на Македонците. Секој ваш глас за Васил Стерјовски е глас за иднината на Македонците во Албанија. Тоа е глас што ја чува нашата историја, што ја продолжува нашата традиција, што зборува за нас во институциите каде што сме премногу често заборавени, порачуваат од партијата.