• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

Крива Паланка - Ехото од стиховите на љубовта од поетската душа на 17- годишниот кривопаланечки поет Никола Митовски, синоќа одекна во големата сала на Општина Крива Паланка на промоцијата на неговото лирско првенче во издание на издавачката куќа „Збор".

Пред публиката во неговиот роден град, другари, професори, културни работници и новинари, Митовски ги разлиста своите емоции, љубовни изблици, мудри размисли, надежи и мечти на тинејџерското срце што носат емотивна бура, лавина младешки занес низ сите форми на љубовта.

Заблагодарувајќи им се на сите што верувале во него до остварување на желбата да го создаде и промовира ова негово прво книжевно дело, Митовски упати посебна порака за благодарност до градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, за финансиската поддршка за издавање на делото, до мајката и братот и до сите што веруваат во, како што рече, моќта на  пишаниот збор.

-Ова не е само промоција, туку исполнување на еден сон, една визија и желба.„Ехо на љубовта“ носи порака дека вистинската љубов никогаш не исчезнува – таа одекнува низ времето, низ сеќавањата, низ зборовите што ги оставаме зад себе. Се надевам дека во оваа книга ќе најдете дел од вашата приказна. Ако барем еден стих, барем една реченица ви прозвучи познато, тогаш знам дека книгата ја исполнила својата мисија, рече Митовски.

Промоторката, поетесата Емилија Колевска, рече дека преку неговото дело со одек на младоста, ечи надежта дека сѐуште жари и битисува човечкото во човекот.

Тетово – Преку соопштение Општинската организација на Сојузот на борци од Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово побара граѓаните да бојкотираат процесот на менување на имиња предложен од општината. Ова нивно барање следи по неодамнешниот повик на Општина Тетово во петок 4 април, граѓаните да учествуваат на првата јавна дебата на која ќе може да дадат предлози за имиња на улиците.

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи од Тетово освен до граѓаните, апел упатува и до политичките партии, граѓанските здруженија, клубови и сите други облици на општествено здружување. Тие сметаат дека треба да се бојкотира овој процес на промена на имиња на улици во градот Тетово, кој го оценуваат како лажен, неискрен и опасен процес, отпочнат и воден од Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами.

- Во петок на 04.04.2025 сценаристите имаат закажано претстава во која ќе глумат јавна дебата, во која очекуваат граѓаните да бидат статисти. Знаеме дека предлогот е одамна на бирото на Касами и оваа националистичка глума е обична фарса. Не поминува! Сите сме свесни за вашиот демократски капацитет Касами. Процес во кој уште на самиот почеток хероите од Антифашистичката коалиција лично од Касами се претставени како темното минато. Не заслужува поддршка и учество од ниту еден разумен совесен и искрен патриот, истакнуваат од Сојузот на борци од Тетово.

Тие ги повикаа советниците исто така да не даваат поддршка во Советот, а државниот врв да не дозволи промена на имињата на улиците од антифашистичкото минато.

Охрид – Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ денеска преку Отворено писмо побараа од надлежните институци во државата да ја спречат изградбата на хотелски комплекс на локацијата „Горица 3“ на источниот брег на Охридското Езеро.

Во писмото испратено до претседателот на Владата, во членовите на Владата на РСМ, до градоначалникот на Општина Охрид и до Јавното обвинителство се посочува дека хотелкиот комплекс се гради со противзаконско Одобрение за градба, издадено од Општина Охрид на 6 април 2012 година, врз основа на проект за кој не е спроведена оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и за кој не постои Решение за согласност за спроведување на проектот од страна на МЖСПП.

Потоа се наведува дека Одобрението за градење од 2012 година нема печат за правосилност, поради што не може да се применат одредбите од Законот за градење кои ги дефинираат роковите за започнување, односно завршување на градбата (што повлекува друга серија на прекршувања на Законот за градење).

Во писмото исто така се посочува дека актуелната против-законска градба со која се уништува дел од светското наследство е помогната од страна на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), со низа постапки во делувањето.

Велес - Поради обилните дождови надојдената Маркова река вчера предизвика поголеми оштетувања на пругата помеѓу Скопје и Велес, на делница Лисиче –Драчево, поради што втор ден по 3 до 40 минути доцнат возовите од Скопје кон Велес.

Како што информираат денеска за МИА од Железничката станица во Велес, екипи на Македонски Железници од денеска работат на санирање на оштетениот насип на пругата од околу стотина метри на делницата Лисиче-Драчево, а според првичните најави што ги добиле од МЖ работите ќе траат недела-две во зависност од временските услови. Воедно денеска од Железничката станица од Велес за Скопје и обратно од Скопје сообраќаат сите возови.

Инаку и покрај големото оштетувањата на насипот на пругата од околу стотина  метри, од МЖ вчера како што соопштија одлучија да не го сопрат сообраќајот на оваа релација, туку најавија дека ќе продолжи, но со зголемено времетраење на патувањето на оваа релација.

Воедно од МЖ појаснија дека возовите на оваа релација, додека трае санацијата ќе ја користат пругата преку Трубарево, а и оти можно некој воз да биде времено сопрен.

Куманово- Вечерва со почеток во 19 часот, во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ - Куманово ќе биде отворена изложбата на слики „Славит природата“ од авторите Емилија и Стојче Тоциновски. Изложбата содржи 30-тина слики работени во техниката акрил на платно и е дел од нивната најнова продукција. Авторите се академски ликовни уметници кои заеднички творат создавајќи препознатлив естетски свет и уметничка постапка.

Учесници се на голем број групни изложби и имаат петнаесет самостојни изложби во Македонија, Хрватска и Црна Гора. Живеат и работат во Скопје. Добитници се на награди и изложувале самостојно во земјава и странство.

-Академските ликовни уметници и сопружници, м-р Емилија и д-р Стојче Тоциновски, постојано предизвикуваа внимание кај ликовната критика и публика. Се работи за еден редок феномен каде што двајца уметници работат на едно платно и во една симбиоза го креираат финалниот продукт. Уникатниот пристап, изборот на теми како и нивната интерпретација – сите овие елементи инкорпорирани во нивното творештво – ги прави препознатливи и автентични за поширокиот аудиториум, пишува историчарот на уметност, Роберт Цветковски.

Скопје - Општина Аеродром ги повикува жителите што имаат имот во поплавеното подрачје каде имаше излевање на Маркова Река, да ги пријават материјалните штети со поднесување пополнет образец во Архивата на Општината или во Урбаната заедница во Горно Лисиче, секој работен ден од 8:00 до 15:00 часот. Рокот за пријавување е 10 дена од излевањето на реката.

-По обилните дождови во изминатите денови, од своето корито се излеа Маркова Река, при што се поплавени и делови по течението во Горно Лисиче. Веднаш по излевањето беше ангажирана механизација што работеше на одводнување на коритото на реката и на заштита од евентуални поплавувања на објектите за домување. В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, веднаш стапи во контакт со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), МВР и АД Водостопанство, чии претставници излегоа на терен и ги презедоа сите неопходни мерки за превенција со цел да се спречи поплавување на домовите што се наоѓаат во близина на текот на реката во Горно Лисиче. Екипите се постојано на терен и ја следат ситуацијата, информираат од Општина Аеродром. 

Според информациите од терен, додаваат, нема нанесени штети на куќи, но се поплавени неколку магацини и земјоделски објекти, како и дел од полето во Горно Лисиче.

Скопје - Град Скопје и ЈП Комунална хигиена повторно потфрлија со одржувањето на хигиената на територија на Центар. Утрово, дебармаалци се соочија со идентична глетка како од пред два месеци - преполни контејнери со смет и лоша миризба кои не само што се закана по здравјето на центарци, туку, исто така и го нагрдува изгледот на централното градско подрачје кадешто циркулираат голем број на граѓани. 

„И ова утро, нашите општински служби го подигнаа сметот од подземните контејнери во Дебар маало кадешто надлежност имаат Комунална хигиена и Град Скопје. Одржувањето на хигиената во Центар мора да биде приоритет, затоа што секојдневно се движат голем број граѓани. Како локална самоуправа, веќе неколку пати имаме испратено допис до надлежните институции со барање за поажурно и поефикасно извршување на нивните обврски. Граѓаните заслужуваат чиста и уредна средина, а ние ќе продолжиме да инсистираме на решавање на овој проблем“, изјави Герасимовски.

Општина Центар ги повикува граѓаните да пријават проблеми со јавната чистота на територија на општината со цел брза интервенција на службите. Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693.

 

Остани поврзан