• сабота, 27 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

5 декември 2023

 

Охрид – Поетот, драматургот и романсиерот, амбасадорот Јордан Плевнеш, е годинешниот добитник на највисокото признание што го доделува Општина Охрид - наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“.

Членовите на Стручната комисија едногласно  ја донеле таквата одлука, имајќи ја предвид импозантната биографија на проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во областа на драматургијата и неговата афирмација на Охрид и Република Македонија насекаде во Светот.

„Земајќи го предвид предлогот на Стручната комисија и општопознатите факти за неговата голема високовредносна и величествена идеја за Охридската академија на хуманизмот, со востановување на Охтидската Светиклиментова Светска награда за хуманизмот со која досега беа овенчани седумнаесет светски хуманисти – великани во своите професионални сфери, на Охрид му се даде уште една историска улога во неговата осум милениумска предисторија и историја. Наградата за хуманизам го осмислува Охрид од длабокото возбудливо историско минато, преку фактот дека Охрид во денешнината станува хуманистичко-филозофски стожерник, а аналогно на тоа Јордан Плевнеш е еден од најзаслужните такви стожери и неговите врвни долгогодишни остварувања кои се од особено значење и имаат голем придонес во развојот напредокот и севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и светот“, посочува градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој ја потврди одлуката на Комисијата.

Јордан Плевнеш e роден на 29-ти октомври 1953 година во селото Слоештица, Демирхисарско. Основно училиште заврши во Демирхисарско, средно во Битола, а факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрира на Филолошкиот факултет, на тема „Македонската народна драма“. Карактеристично за него е да се каже и тоа дека во текот на 1973 и 1974 година работеше како метач на гробиштата „Пер Лашез“ во Париз и со еден патувачки театар на илузионисти ја пропатува Европа, што несомнено говори за неговиот нескротлив дух. Од 1975 година беше уредник на културната рубрика во „Студентски збор“. Од 1980 до 1985 година беше уредник во Издавачката куќа „Мисла“. Исто така значајно е да се истакне дека од 1985-1988 година работеше и како асистент на Институтот за литература при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а член е на ДПМ од 1982 година, како и на Македонскиот ПЕН центар. Предава креативно пишување на повеќе европски и американски универзитети, како на пример: Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз, Универзитетот Оресе во Париз, Универзитетот на Тексас во Далас, Универзитетот Јеил. Од декември 2000 година па сè до 2005 година беше амбасадор на Република Македонија во Франција, Шпанија, Португалија и при УНЕСКО. Од 2005 година е потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО од Париз, Република Франција, за дијалог меѓу цивилизациите, а од октомври 2008 година е ректор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности при ESRA – Европската филмска академија „Скопје-Париз-Њујорк“.

Во однос на неговото творештво карактеристично е тоа што неговите дела се објавувани во педесетина земји во светот, преведувани на повеќе од петнаесетина јазици, а неговите драми изведувани во над триесетина земји во светот. Тој пишува на македонски и француски јазик, а преведува од српскохрватски, грчки и француски јазик. Негова прва книга е „Теорија на отровот“ (збирка поезија, 1980), по што следуваат: „Еригон“ (драма, 1980), „Мацедонише цуштенде“ (драма, 1984), „Југословенска антитеза“ (драма, 1987), „Р“ (драма, 1987), „Бесовскиот Дионис“ (студија, 1989), „Драми“ (1996), „Подземна република“ (драма, 1991), „Безбог“ (драма, 1991), „Среќата е нова идеја во Европа“ (драма, 1998), „Јустинијан први“ (монодрамски спев, 2001), „Последниот ден на Мисирков“ (пиеса, 2003), „Осмото светско чудо“ (неговиот прв роман, 2005). Добитник е на следните награди: во „Студентски збор“ за дебитантска книга, награда за најдобар југословенски драмски текст на XIII МЕСС во Сараево, вонредна награда на „Стерино позорје“ Нови Сад, за драмата „Подземна република“ изведена од Битолскиот театар, високата награда на Националниот центар за книжевност на Република Франција за драмата „Среќата е нова идеја во Европа“, добитник е на интернационалната награда на франкофонијата „Сребрен јасмин“, во 2004 година, за целокупното негово творештво, а во 2008 година, на отворањето на првиот Фестивал на француски филм во Охрид, амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Бернар Валеро, во името на претседателот на Франција, Никола Саркози, му ја врачи високата француска награда „Витез на книжевностите и уметностите“. Добитник е и на многу други награди и меѓународни книжевни признанија.

Добитници на повелбaта „Патрон на градот - Св. Климент Охридски“ за оваа година се манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, постхумно неодамна починатата спикерка на Радио Охрид, Леонора Чекреџи и младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска.

Наградата и Повелбите на добитниците ќе им бидат врачени на Свечената академија што по повод празникот „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи во четврток, 7 декември 2023 година, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19:30 часот.

Охрид – Полската национална авиокомпанија „ЛОТ“ наредната летна сезона ќе воспостави нова сезонска авионска линија до Охрид.

Според најавите од „ЛОТ“, планирано е новата линија од аеродромот „Радом“ до аеродромот „Свети Апостол Павле“ да стартува на 24 јуни и да оперира еднаш седмично секој понеделник до 23 септември.

Билетите за новата авионска линија се достапни за резервации преку веб-страницата на авиокомпанијата.

Аеродромот „Радом“ се наоѓа на 110 километри од центарот на Варшава. Поранешниот воен аеродром во 2015 година беше пренаменет за цивилна воздушна пловидба и опслужување комерцијални летови.

Велес - Во  Владата е потпишан анекс договор за комплетно доградба на спортската сала во Горно Јаболчиште,информира денеска градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски. Тој појасни дека од ТАВ програмата претходно на Општина Чашка за изградба на оваа нова спортска сала и се одобрени 19 милиони и  550 илјади  денари, а сега се одобрени  дополнителни 14 милиони  денари за комплетна доизградба на спортската сала во село Горно Јаболчиште.

- Очекуваме наредната година фирмата изведувач комплетно да ја заврши спорската сала и истата да биде ставена во функција на жителите, а посебно на децата од село Горно Јаболчиште, потенцира Стојановски.

Спортската сала е веднаш над ООУ „Лирија“ во село Горно Јаболчиште со над 3 000 жители.

Општина Чашка изминатиот месец целосно ги асфалтира улиците во селото, а направи и обиколница.

Скопје - Поради промена на вентил, без вода од 10:00 часот се корисниците од селата Матка, Шишево, Глумово и Арнакиа.

Прекинот во водоснабдувањето ќе таре до завршување со работите, информира ЈП Водовод и канализација Скопје.

Скопје - Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат корисниците од неколку улици во општините Гази Баба и Аеродром.

Во периодот од 08 до 15 часот, без струја ќе бидат корисниците на ул. „Димче Милошевски“ и ул. „Перо Наков“ (Месер -Вардар, Интерпласт, Елмонд-електро и објекти во нивна близина), во општина Гази Баба.

Во истиот период без струја ќе бидат и корисниците на ул.„Фрањо Клуз“ бр.7. во Општина Аеродром.

Скопје - Висока делегација на Светска банка предводена од потпретседателката за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан, Шаочинг Ју, како и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, минатата седмица го посетија „Центарот за поддршка на деца со попреченост и нивните семејства – МоПи“. Работните простории на оваа установа се наоѓаат во состав на ООУ „Вера Циривири Трена“  во општина Карпош.

Во рамките на оваа посета беше одржан состанок на кој присуствуваа градоначалникот Стевчо Јакимовски, преставници на Македонското Монтесори здружение кое е лиценциран давател на услугата, родители на деца кои ја користат услугата, како и студенти од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, кои го користат Центарот „МоПи“, како научна база за реализација на дел од практичната настава. 

Остани поврзан