• петок, 26 април 2024

МИА на сет од снимањето во Атина на филмот „Ритам на животот“ во копродукција со „Круг филм“ од Скопје

МИА на сет од снимањето во Атина на филмот „Ритам на животот“ во копродукција со „Круг филм“ од Скопје

Атина, 14 август 2023 (МИА) – На локации во Атина, веќе две седмици во е тек снимањето на филмот „Ритам на животот“  што се реализира во копродукција на „Соул Продукција“ од Грција  и „Круг филм“ од Скопје, како и продукциски куќи од Кипар и Црна Гора, а МИА „ѕирна“ на снимањето додека актерите и целиот тим работат на долгометражниот филм.

Филмот ја раскажува приказната за младата Лена, 20-годишна девојка која живее во Атина со семејството, работи во локален супермаркет, но поради сиромашниот живот секојдневието и е исполнето со напнатост и сака да започне свој живот, но сѐ ќе се смени кога ќе добие отказ, истовремено дознавајќи дека е бремена.

Дописничката на МИА од Атина, го посети „домот“ на пријателот на Лена, стан во центарот на Атина каде што беше сетот и имаше можност да поразговара со режисерката и ко-сценаристка Америса Баста и со дизајнерот на светло Иван Ѓоршев.

Режисерката и ко-сценаристка вели дека станува збор за приказна што би можела да се случи во секоја балканска земја, бидејќи темата е и универзална и балканска и токму затоа за нив е големо задоволството што филмот се работи во копродукција со други земји од регионот.

-Лена е млада девојка која се соочува со проблемот со невработеноста, со отпуштање од работа, како и една непланирана бременост, па така го следиме она што ќе се случи во нејзиниот живот и како ќе се справи со овие ситуации. Темата е и балканска и универзална. Се однесува на жената во работната средина, многу е поврзана со семејството и семејните односи, но и како не дефинира и нашиот background и дали е одлучувачки за нашата иднина или ние можеме да направиме некои промени, да го смениме тоа и да направиме нешто подобро во нашиот живот, вели Баста за МИА.

Филмот се снима само во Атина, на различни локации околу центарот на грчката метропола.

-Атина е веќе мултикултурно место, особено центарот, каде што живеат луѓе од Балканот и други земји. Улогата на маќеата на Лена, ја игра актерката Лули Битри која е од Албанија и е во улога на Албанка од мешано семејство иако живее во центарот на Атина, истакнува режисерката.

Снимањето се очекува да заврши на почетокот на септември, а постпродукцијата веројатно ќе трае една година.

-Би сакале премиерата да биде на некој голем фестивал, ќе видиме. За Грција секако би сакале да биде во Солун на Филмскиот фестивал, но може да биде и во странство, вели Баста.

За успешната грчка режисерка Америса Баста ова е прва соработка со продукциска куќа од Северна Македонија.

Дизајнерот на светло Иван Ѓоршев веќе има искуство во филмската соработка меѓу Северна Македонија и Грција, со оглед на тоа дека беше дел и од екипата на грчкиот филм „Зад стоговите сено“ , кој се снимаше во Дојран и освои низа награди.

За новиот филм вели дека е задоволен од текот на снимањето и изразува надеж дека ќе постигне голем успех, а во разговор за МИА истакнува дека искуството е прекрасно, екипата е супер и сѐ се одвива според планот.

Сценариото на „Ритам на животот“ е на Димитрис Накос и Америса Баста, која воедно е и режисерка.

Главен продуцент е грчката продукциска куќа „Соул Продукција“ на Јоана Султани, а копродуценти се и Дејан Крајчевски од македонската „Круг филм“, Деспина Музаки од кипарската „Брејкинг Вејв Продукција ЛТД“ и Немања Драговиќ од црногорската „Видеа Продукција“.

Филмот е финансиски поддржан од Филмските центри на Грција, Црна Гора и Кипар, како и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Во главната улога, во улогата на Лена е младата грчка актерка Елина Циорбаѕи, а кастингот е составен од млади и надежни актери, но и постари и веќе искусни актери од Грција и од Албанија.

Сања Ристовска

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан