• петок, 15 ноември 2024

МЗ: Нема да се продолжи мандатот на организациската директорка на Завод за физикална медицина и рехабилитација во Скопје

МЗ: Нема да се продолжи мандатот на организациската директорка на Завод за физикална медицина и рехабилитација во Скопје

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Нема да ѝ се продолжи мандатот на организациската директорка на Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, Миранда Шабани и таа ќе се прераспредели на друго работно место, соопшти попладнево Министерството за здравство (МЗ).

Во соопштението се наведува дека Шабани доставила до Министерството известување со одредени наводи за злоупотреби во Заводот.

- Дописот со останатиот материјал доставен до МЗ, ќе се разгледа и ќе се постапи во рамки на законот, се појаснува во соопштението.

Кај одредени медиуми вчера пристигнала најава дека денеска ќе се одржи штрајк во дворот на Заводот, но, штом новинарите пристигнаа таму, беше соопштено дека нема такво нешто.

Шабани, пак, во пишана изјава за медиумите, потврдува дека штрајкот бил најавен вчера и оти на  најавата, како што вели, одговорила дека правото на протест е загарантирано со Устав и дека го почитува.

-Дури и го подржувам штрајкот затоа што во институцијата каде што ја извршував функцијата како организациски директор, плата земаа лица кои што никогаш не сме ги виделе на работа. Лица кои што никогаш не биле потпишани во книгата за евиденција. Како организациски директор, побарав од медицинскиот директор, правен сектор и секторот за човечки ресурси, на лицата кои не доаѓаат на работа, да им се прекине договорот. Директорот не прифати, поради само нему познати причини. За да не се оптовари буџетот на институцијата, решив да не ги потпишам платите. Им се извинувам на сите чесни вработени, кои даваат труд и пот за оваа институција и што не биле исплатени на време, но, мислам дека оваа работа треба да се реши за да и на нив утре им се исплати трудот, подвлекува Шабани во пишаната изјава за медиуми.

Таа била директор во оваа институција шест месеци, период, за што како што вели, „не бил доволен за да се откријат сите неправилности“.

- Во првиот момент кога го видов планот за актуелните вработени што беше составен по барање на Фондот за здравство и планот за нови вработувања, сфатив дека податоците не се совпаѓаат и решив да не потпишам. Дали јас ќе бидам разрешена, или нема да ми се продолжи мандатот, тоа е најмал проблем во оваа институција. Битно е да се платат тие што работат, а не тие што не доаѓаат на работа, наведува Шабани. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан