• среда, 08 мај 2024

Воспоставена национална електронска платформа за научни епидемиолошки студии за малигни заболувања

Воспоставена национална електронска платформа за научни епидемиолошки студии за малигни заболувања

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска оствари средба со деканот на Медицинскиот факултет Светозар Антовиќ и професорката Весна Велиќ Стефановска, раководителка на Институтот за епидемиологија, по повод воспоставувањето национална електронска платформа за објавување научни епидемиолошки студии за состојбата со малигни заболувања во земјава.

-Првпат воспоставуваме национална електронска платформа за објавување научни епидемиолошки студии за рак на простата, рак на матка, рак на дебело црево, на дојка и црн дроб. При креирањето на методологијата за работа се искористени искуствата на земјите членки на ЕУ и Соединетите Американски Држави. Во нив е прикажана просечната годишна процентуална промена на секое од петте малигни заболувања за период од 2014 до 2022 година, по пол, возраст и општини, рече Меџити.

Како што информира Министерството за здравство (МЗ), сите истражувања ќе бидат поставени на електронска платформа отворена за сите профили на здравствени работници, како и студенти, магистранти и докторанти на Факултетите за медицина, стоматологија и фармација. Платформата ќе биде отворена и за здруженијата на пациенти со малигни заболувања и сите други заинтересирани лица и институции.

-Остварувањето на оваа иницијатива е од национален интерес и ќе овозможи поврзување со сите релевантни светски бази на податоци, наведува МЗ. мч/ев/

фото: МЗ

Остани поврзан