Меѓународниот комитет на Црвениот крст ќе отпушти речиси 3.000 вработени и ќе го намали буџетот
- Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) денеска соопшти дека ќе го намали својот буџет за следната година за 17 проценти на 2,23 милијарди долари и ќе отпушти 2.900 вработени.
Женева, 21 ноември 2025 (МИА) – Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) денеска соопшти дека ќе го намали својот буџет за следната година за 17 проценти на 2,23 милијарди долари и ќе отпушти 2.900 вработени.
Хуманитарниот сектор се соочува со невидена недостиг на средства, бидејќи земјите кои обезбедуваат финансиски средства го пренасочуваат своето внимание кон одбраната. Ова ги принудува организациите да носат тешки одлуки за тоа кому да му помогнат во услови на бројни конфликти и рекорден број на раселени луѓе, пренесе БТА.
Во исто време, САД, кои се еден од најголемите донатори, ги преструктурираа своите програми за надворешна помош откако е на власт претседателот Доналд Трамп, кој става акцент на политиката „Америка на прво место“.
- МКЦК останува цврсто посветен на работата на првите линии во конфликтните зони, каде што малку други можат да работат, изјави директорката на МКЦК, Мирјана Спољарич, по состанокот на управното тело на организацијата.
- Финансиската реалност нè принудува да донесеме тешки одлуки за да обезбедиме да можеме да продолжиме да даваме витална помош на оние на кои најмногу им е потребна, додаде таа.
Планираните кратења претставуваат околу 15 проценти од вкупниот број од 18.500 вработени во организацијата и следат по претходните мерки за штедење од 2023 година. Околу една третина од нив ќе бидат преку доброволно заминување и непополнување на испразнетите работни места, појаснува МКЦК.
Организацијата со седиште во Женева работи во над 90 земји, а нејзината дејност вклучува обезбедување основна хуманитарна помош и посети на воени заробеници. Таа дејствува како неутрален посредник во конфликти и беше ангажирана во враќањето на израелските заложници од Газа и Палестинците од израелските затвори, согласно условите на примирјето од 10 октомври. јт/сд/
Фото: МКЦК