• сабота, 21 декември 2024

Меѓународна конференција по повод 65 години од образованието по социјална работа и социјална политика

Меѓународна конференција по повод 65 години од образованието по социјална работа и социјална политика

Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - По повод 65-годишнината од образованието по социјална работа и социјална политика, Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од денеска до 22 септември во Охрид организира меѓународна  конференција на тема „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“.

Институтот информира дека над 130 учесници од земјава и од странство ќе промовираат и дискутираат истражувања, практики и политики поврзани со теми кои се занимаваат со прашањето на глобалните кризи од различни перспективи релевантни за социјалната работа и социјалната политика.

Трудовите и излагањата се контекстуализирани во неколку домени на анализа, вклучувајќи: Одговори на социјалните држави и социјалните политики на глобалните кризи; Социјалните услуги во контекст на повеќекратни кризи; Глобалните кризи и човековите права; Влијанието на глобалните кризи врз социјално ранливи лица, како: мигранти, бегалци, жртви на семејно насилство, невработени итн; Влијанието на глобалните кризи врз социјалната заштита, детската заштита, вработувањето, образованието и здравјето, како и Иновации во истражувањата, образованието и стручната пракса за социјалната работа и социјалната политика, информира организаторот. 

Конференцијата е под покровителство на претседателот на државата  Стево Пендаровски и се организира во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Федералното Министерство за социјални прашања на Австрија. хс/цр

Фото: Филозофски факултет при УКИМ 

Остани поврзан