Мешел: Без разлика за загубите, Хамас ќе се крене од пепелот, како феникс
- -Историјата на Палестина е составена од циклуси. Поминуваме низ фази кога губиме маченици (жртви) и дел од нашите воени способности, но потоа палестинскиот дух повторно се крева, како феникс, благодарение на Бога, изјави Мешал за Ројтерс.
Бејрут, 8 октомври 2024 (МИА) – Лидерот на Хамас во егзил, Калед Мешал, денеска изјави дека групата ќе се издигне „како феникс од пепелта“ и покрај големите загуби претрпени за време на едногодишната војна со Израел и дека продолжува да регрутира борци и да произведува оружје.
Мешал рече дека конфликтот со Израел трае веќе 76 години, што датира од она што Палестинците го нарекуваат „Накба“ или „катастрофа“, кога многу Палестинци беа раселени за време на војната во 1948 година што доведе до создавање на Израел.
-Историјата на Палестина е составена од циклуси. Поминуваме низ фази кога губиме маченици (жртви) и дел од нашите воени способности, но потоа палестинскиот дух повторно се крева, како феникс, благодарение на Бога, изјави Мешал за Ројтерс.
Мешал, кој преживеа обид за атентат во 1997 година, откако му беше вбризган отров и беше генерален секретар на Хамас од 1996 до 2017 година, рече дека Хамас сè уште може да се бори против израелските војници.
-Изгубивме дел од нашата муниција и оружје, но Хамас продолжува да регрутира млади луѓе и продолжува да произведува значителен дел од своето оружје и муниција, рече Мешал, без да даде детали.
Мешал е еден од шесте лидери на Хамас обвинети од американското Министерство за правда по обвиненија за тероризам за нападот врз Израел на 7 октомври минатата година. Тој рече дека не гледа шанса за мир се додека на власт во Израел е владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
-Се додека има (израелска) окупација, регионот е темпирана бомба, рече Мешал.
Кабинетот на израелскиот премиер одби да ги коментира изјавите на Мешал.сд/
фото:МИА архива