• петок, 21 јуни 2024

Мелони убедена дека Самитот на Г7 ќе доведе до „конкретни резултати“

Мелони убедена дека Самитот на Г7 ќе доведе до „конкретни резултати“

Бари, 13 јуни 2024 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџа Мелони во обраќањето на отворањето на Самитот на Г7 во одморалиштето Борго Ењација во јужниот италијански регион Пуља, рече дека е убедена дека овогодинешниот состанок на високо ниво на Г7 ќе доведе до „конкретни резултати“, објави италијанската новинска агенција АНСА.

„Има многу работа, но сигурна сум дека во овие два дена ќе успееме да одржиме дискусии кои ќе донесат солидни и мерливи резултати. Г7 не е затворена тврдина, која се брани од некого. Таа ги предлага вредностите што му ги откриваме на светот, за да имаме заедничка цел за развој“, истакна Мелони.

Се очекува лидерите на Г7 да објават договор за користење на руските средства, замрзнати на Запад по нејзината инвазија на Украина, со цел да се формира фонд во износ од 50-60 милијарди евра за Киев. Вашингтон се залага за тоа, но европските земји се повнимателни поради техничките прашања и правните последици од таквата одлука.

Клучна тема ќе биде и кризата на Блискиот Исток.

Италијанското ротирачко претседателство со Г7 сака да посвети поголемо внимание на прашањата поврзани со миграцијата и односите со земјите во развој, особено на договор со африканските земји за модел на соработка заснован на заемно корисни партнерства.

Се очекува и дискусија за вештачката интелигенција.

Папата Франциск утре ќе присуствува на состанокот на високо ниво, со што ќе стане првиот понтиф кој учествува на ваков настан на Г7. Се очекува тој да зборува за неопходноста од етичка вештачка интелигенција, како и за напорите за воспоставување мир. рп/

Фото: АНСА

Остани поврзан