Мексико усвои закон за ненасилна борба со бикови
- Пратениците во главниот град на Мексико со големо мнозинство гласаа за забрана на насилството во борбите со бикови, што предизвика гнев кај навивачите и радост на активистите за правата на животните.

Мексико Сити, 19 март 2025 (МИА) - Пратениците во главниот град на Мексико со големо мнозинство гласаа за забрана на насилството во борбите со бикови, што предизвика гнев кај навивачите и радост на активистите за правата на животните.
Законот, одобрен со 61-1 гласови, забранува убивање бикови и употреба на остри предмети кои би можеле да ги повредат животните. Тој, исто така, поставува временски ограничувања за времето кога биковите можат да бидат во арената - сето тоа е дел од иницијативата наречена „борба со бикови без насилство“.
Одлуката предизвика лути протести кај поддржувачите на борбите со бикови и матадорите, од кои некои се обидоа да ја пробијат полициската барикада на локалниот Конгрес. Некои носеа табли на кои пишуваше „Да се биде љубител на „la fiesta brava“ (борење со бикови) не е кривично дело, туку прашање на гордост“.
Во меѓувреме, демонстрантите за правата на животните и пратениците кои се залагаа за нацрт-законот, славеа со одење до скалите на Конгресот, опкружени со полиција во опрема за немири, мавтајќи со тупаници и носејќи кукли од бикови.
-Или е ова или ништо, вели Софија Морин, активист за правата на животните во организацијата „Култура без тортура, Мексико без борби со бикови“, која ја предводи иницијативата за промена на законите. „Ние го претпочитаме ова затоа што без сомнение е огромен чекор во заштитата на животните“, рече таа.
Градоначалничката на Мексико Сити, Клара Бругада од владејачката партија МОРЕНА ги повтори зборовите на активистите дека одлуката ќе го трансформира мексиканскиот главен град во место „кое ги почитува правата на животните“. мс/
фото: МИА архива