Мекларен подготвен за „неизбежен судир“ меѓу Норис и Пјастри
- Извршниот директор на Мекларен, Зак Браун, изјави дека тимот е подготвен за неизбежниот судир меѓу неговите возачи Оскар Пјастри и Ландо Норис, за кој Американецот рече дека е прашање на време.

Џеда, 20 април 2025 (МИА) - Извршниот директор на Мекларен, Зак Браун, изјави дека тимот е подготвен за неизбежниот судир меѓу неговите возачи Оскар Пјастри и Ландо Норис, за кој Американецот рече дека е прашање на време.
Од почетокот на сезоната тие двајца изгледаа како најсериозни претенденти за светската титула, за која уште пред почетокот на кампањата многумина веруваа дека ќе биде решена во дуел меѓу возачите на Мекларен.
И според Браун, ова порано или подоцна ќе доведе до контакт меѓу двајцата, но во Вокинг се подготвени за овој момент.
-Тоа е неизбежно. Прашање е кога ќе се случи, а не дали. Кога имате двајца возачи кои постојано се еден до друг, без разлика дали возат за истиот тим или не, секогаш ќе има контакт во одреден момент. Значи, некако го очекувам, чекам да заврши, бидејќи мислам дека нема да биде толку возбудливо како што очекуваат многу луѓе. Ќе биде тркачки инцидент кога ќе дојде тој ден. Двајцата имаат страшни карактери, ниту еден од нив не се „пали“ брзо, па не сме загрижени. До одреден степен сакаме тоа да се случи за да можеме да го оставиме зад нас, вели Браун.
Последните тимски колеги кои се судрија додека се бореа за титулата беа Луис Хамилтон и Нико Розберг во Австрија во 2016 година. Ова беше втор контакт меѓу двајцата во текот на сезоната 2016, откако нивниот судир во првиот круг во Шпанија ги извади од трката.
Пред тоа, треба да се вратиме во доцните 1980-ти и дуелот помеѓу Ален Прост и Аиртон Сена за да видиме уште еден контакт меѓу тимски колеги кои се борат меѓу себе за титулата. Тогаш се судрија на Сузука, каде една година подоцна имаше нов инцидент меѓу двајцата, но тогаш „професорот“ беше возач на Ферари. дс
Фото: Архива