• вторник, 14 април 2026

Екипите учеснички во женскиот одбојкарски Ф4 турнир најавија максимална борбеност за вредниот трофеј

Екипите учеснички во женскиот одбојкарски Ф4 турнир најавија максимална борбеност за вредниот трофеј

Скопје, 25 март 2026 (МИА) – Во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје утре почнува тридневната програма во македонскиот одбојкарски куп со женските полуфинални дуели. Учесничките се максимално мотивирани и ветуваат голема борба во обид да дојдат до трофејот.

Во првото полуфинале ќе се соочат Газели Волеј и Вардар ЕМ.

- Кај нас владее големо задоволство што ќе бидеме дел од завршниот турнир во купот. Играме против екипа со која имаме две победи во првенството, но влегуваме многу претпазливо и се надевам дека на крај ќе се радуваме, изјави Дејан Стојанов, тренерот на Газели волеј.

Капитенот Теа Терзиевска ветува максимално залагање на тимот во дебитантското издание на завршницата на националниот куп.

Вардар ЕМ на Фајнал-фор доаѓа по изненадувачката победа над Работнички Скопје.

- Екипата на Вардар ЕМ е подготвена за предизвиците. Покажавме во првенството дека можеме да победиме секоја екипа. Им пренесов на моите одбојкарки дека немаат никаков притисок и дека растоварени влегуваме во мечот. Немаме што да изгубиме, истакна тренерот Јован Шапе.

Ана Јаничиќ, капитенот на вардарки како историски го оцени настапот на Вардар ЕМ и изрази надеж дека може да изненадат и да стигнат до трофејот.

Во второто полуфинале утревечер од 19:30 часот ќе се соочат Наковски Волеј и Младост УГД.

- Цела сезона играме на високо ниво. Единствениот пораз ни е од утрешниот противник. Ќе дадеме максимум и се надевам дека ќе успееме да ја одбраниме титулата во ова натпреварување, рече тренерот Хари Наковски на заедничката прес-конференција.

Капитенот на вардарки Софија Паневска верува дека на крајот трофејот ќе биде во нејзини раце, иако очекува тежок и неизвесен натпревар во полуфиналето.

Така не мисли тренерот на Младост УГД, Кристина Лазаревска.

- Очекувам тежок противник. Влегуваме мотивирани, нијанси ќе одлучат, се надевам дека ќе стигнеме до големото финале. Наковски волеј има поголемо искуство, но ние сме многу мотивирани и фокусирани.

Капитенот на штипјанки Сара Стојанова ја потенцира силната мотивираност на нејзините соиграчки и решеноста да ја исполнат целта, а тоа е прво пласман во финалето, а потоа освојување на трофејот.

Полуфинална програма:

26 март (четврток)

17:30 часот: Газели Волеј – Вардар ЕМ

19:30 часот: Наковски Волеј – Младост УГД.

Победниците в сабота од 17:30 часот ќе играат за трофејот. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан