• недела, 22 декември 2024

ЗНМ: Новинари и сниматели спречени да ја работат својата работа во Брвеница, осуда за инцидентот

ЗНМ: Новинари и сниматели спречени да ја работат својата работа во Брвеница, осуда за инцидентот

Скопје, 23 август 2023

Вчера напладне новинарската екипа на телевизијата ТВ Коха била спречена да ја врши својата професионална работа во врска со пожарот кој веќе втор ден гори во општина Брвеница. Екипата пристигнала на местото каде што требале да снимат видео инсерти и после неколку минути снимање, се појавило лице во цивилна облека кое агресивно се однесувало и со викање, навреди и закани им забранувал да снимаат. Се обидел и да ги избрка од локацијата.

До ЗНМ и денеска пристигна реакција од повеќе колеги новинари и медиумски работници кои во текот на овој ден биле спречени при вршење на професионална работа на јавен простор. Во текот на денешниот ден телевизиски екипи од повеќе медиуми и дописници од полошкиот регион се обиделе повторно да снимат инсерти од местото на настанот, но повторно истото лице со агресивен и остар тон им се обраќал на новинарите, па дури и физички се заканил кон нив и покрај присуството на полицијата.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осудува овој инцидент и ќе го следи случајот. Бараме реакција и од општина Брвеница, која посочената депонија ја дала под концесија на приватен сопственик. Бараме и од МВР да се преземат конкретни мерки против лицето, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните.

Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество.

Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура.

ЗНМ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ЗНМ

Остани поврзан