Медиуми: Турција со електронско војување се спротивстави на израелските напади во Сирија
- Турски борбени авиони наводно се обиделе да ги одбијат израелските авиони кои влегле во сирискиот воздушен простор преку предупредувачки електронски сигнали и операции за попречување, објавија турски и арапски медиуми. Ова претставува ескалација на тензиите меѓу Анкара и Тел Авив, оценуваат медиумите.
Анкара, 5 мај 2025 (МИА) - Турски борбени авиони наводно се обиделе да ги одбијат израелските авиони кои влегле во сирискиот воздушен простор преку предупредувачки електронски сигнали и операции за попречување, објавија турски и арапски медиуми. Ова претставува ескалација на тензиите меѓу Анкара и Тел Авив, оценуваат медиумите.
Израел неодамна започна интензивни воздушни напади врз повеќе локации во Сирија, вклучително во близина на претседателската палата, тврдејќи дека ги штити припадниците на Друзите по судирите меѓу нивните милиции и новите владини сили.
Турските авиони, според медиумските извештаи, се обиделе да ги попречат израелските воздушни системи, што го потврди и Израелската радиодифузна управа, наведувајќи дека „турските авиони испраќаат сигнали за да ги принудат израелските борбени авиони да го напуштат сирискиот воздушен простор“.
Овој инцидент означува редок индиректен воен судир меѓу Турција и Израел во Сирија, каде двете земји се натпреваруваат за влијание по падот на режимот на Башар ал-Асад. Турското Министерство за надворешни работи претходно го повика Израел да ги запре нападите, предупредувајќи дека тие го загрозуваат единството и територијалниот интегритет на Сирија. ссм/
фото: архива