• понеделник, 04 ноември 2024

Медиуми: На денешната седница на претседателството на СНС одлука за идниот мандатар на владата

Медиуми: На денешната седница на претседателството на СНС одлука за идниот мандатар на владата

Белград, 6 март 2024 (МИА) - Српската напредна странка (СНС) денеска ќе одржи седница на Претседателството на која, според медиумите, треба да се донесе одлука за името на мандатарот на владата, министерските места од оваа партија и датумот на одржување на конститутивната седница на Собранието на која треба да се избере собраниски спикер, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, кој според медиумите со Ана Брнабиќ, Синиша Мали и Дубравка Ѓедовиќ Хановиќ е фаворит за премиерското место, говорејќи за составот на новата влада, рече дека СНС ќе го даде името на мандатарот и дека таа ќе биде синергија на политиката и професијата.

-Владата ќе има луѓе кои беа во владата, некои од нив, а ќе има и министри кои денеска не се министри, изјави Вучевиќ.

Во однос на работата на техничката Влада, Вучевиќ оцени дека добро си ја завршила работата и дека Ана Брнабиќ во три мандати за речиси седум години била одличен премиер и дека постигнала, сериозни резултати со својот тим.

На министерот кој ќе го наследи во ресорот за одрана му порача дека има многу задачи и обврски, но и „добри предизвици“.

Најсериозен кандидат за претседател на српското Собрание е Никола Селаковиќ од СНС, кој таму би дошол од позицијата министер за труд, вработување, бранители и социјала, пишуваат Вечерње новости.

Марко Ѓуриќ поради истекување на амбасадорскиот мандат се враќа во Србија од САД, а се споменува како кандидат за министер за надворешни работи, додека се шпекулира дека Владимир Орлиќ, поранешниот претседател на Парламентот, може да го преземе ресорот за одбрана.

За коалицискиот партнер на СНС, лидерот на СПС и актуелен шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ се шпекулира дека ќе се врати на местото министер за внатрешни работи.

Како што наведуваат белградските медиуми, името на новиот премиер и составот на министерските позиции ги знае само претседателот Александар Вучиќ, кој досега знаел да изненади со имиња за мандатар и состав на владата. об/мс/

 

Остани поврзан