• недела, 11 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 17 април 2025 (МИА) - СВР Битола поднел кривична пријава против Т.Г.(63) од с.Канино, битолско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

На 13.12.2023 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што било констатирано дека на неовластен начин вршел доработување и изработување на огнено оружје во импровизирана работилница во склоп на неговиот дом во с.Канино. МВР денеска соопшти дека при претресот било пронајдено пневматско оружје, за кое не поседувал документација и пиштол кој продуцира звучен ефект.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице од Охрид и против управителот и возач В.Т.(55) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без лиценца“. На 06.04.2025 во населба Рача, охридско, полициски службеници извршиле сообраќајна контрола над патничко возило, управувано од второпријавениот, при што било констатирано дека врши превоз на патници без да поседува лиценца, односно прикажал извод од лиценца со други регистарски ознаки.  

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Љ.С.(72) од Кичево поради постоење основи за сторено кривично дело „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Пријавениот во својство на инвеститор во с.Србјани, кичевско, на катастарска парцела на место викано „Лака“ во државна сопственост, изградил куќа и помошен објект од тврда градба без одобрение за градење, издадено од надлежен орган. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Е.(24) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 17.11.2024 во ходникот во Казнено - поправната установа Затвор Битола биле пронајдени и одземени амфетамин и метамфетамин, за кои по извршени проверки било констатирано дека биле на пријавениот.  

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.Ѓ. од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 12.03.2025 во Делчево, малолетничка била касната од куче, сопственост на пријавениот, при што ѝ биле нанесени повреди.

На 16/17.04.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода 31-годишната С.О. од Битола, Д.М.(40) од Скопје и Н.Ј.(26) од с.Кисела Јабука, скопско, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

На 16.04.2025 околу 18.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат с.Копаница-с.Бојане, скопско, мотоцикл „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од С.С.(38) од с.Буковиќ, скопско, излетал надвор од патот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Со тешки телесни повреди се здобил сопатникот С.Ј.(41) од с.Копаница, скопско, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје. 

На 16.04.2025 во СВР Скопје било пријавено дека околу 10.30 часот на ул.„16 Македонска бригада“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Р.(50) од Скопје и патничко возило, по што возилото го напуштило местото. Во несреќата, возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 16.04.2025 во 05.40 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на регионалниот пат 1402, на крстосница за селата Банско, Габрово и Муртино, струмичко, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген туран“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Н.М.(33) од Струмица и патничко возило „опел“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Г.Н.(32) од село Колешино, струмичко. Во несреќата со тешки телесни пореди се здобила сопатничката во патничко возило „фолксваген туран“, Е.А.(53) од Струмица, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и сопатниците во возилото „фолксваген“ , С.М.(32) од Струмица, С.Н.(49) од село Банско, струмичко, А.А.(52) од Радовиш, А.А.(28) од Струмица и 17 -годишник од Струмица, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на СВР Струмица. 

На 16.04.2025 во 21.25 часот во СВР Скопје, С.С.(45) од с.Глумово, скопско, пријавил дека во дворот на семејната куќа во с.Глумово паднало заталкано зрно од огнено оружје и го оштетило ветробранското стакло на неговото паркирано возило „фолксваген пасат“. Се работи на расчистување на случајот. 

На 16.04.2025 во 14.30 часот во СВР Скопје, А.К.(45) од Скопје пријавил дека околу 16.00 часот на подрачјето на Карпош, едно лице со закана со остар предмет одзело пари од неговиот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 16.04.2025 околу 23.45 часот во СВР Скопје, Е.С. од Скопје пријавил дека во казино во Радишани неколку лица, од кои едно познавал, физички го нападнале и му одзеле пари. Според пријавеното, тој играл рулет и откако добил пари го удрил рулетот и го искршил стаклото, по што за кратко време го викнал вработениот од обезбедувањето во канцеларијата, каде што дошле лицата и физички го нападнале.  Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 16.04.2025 во 13.16 часот во СВР Битола, О.С. од Прилеп пријавил дека на место викано „Сакира“ пронашол две неексплодирани гранати. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување ги подигнал гранатите, при што на местото дополнително биле пронајдени уште 14 артилериски гранати калибар 105 мм. кои потекнуваат од Првата светска војна.

На 16.04.2025 во 08.15 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул. „Крсте Нале” во Битола, од товарно возило „мерцедес“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на КЈП „Нискоградба“ од Битола, кое го управувал вработениот В.Ј.(44) од Битола, паднал Н.С.(55) од Битола, исто така, вработен во претпријатието, кој во моментот се превезувал со возилото. Н.С. бил пренесен во Клиничка болница Битола каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид извршила увидна екипа на СВР Битола и се работи на расчистување на случајот. 

Денеска (17.04.2025) во 03.45 часот во СВР Скопје, Д.З.(20) пријавил дека настанал пожар во неговиот стан на подрачјето на Гази Баба. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен. 

На 16.04.2025 во 12.15 часoт во СВР Скопје, М.Е.(20) од Скопје пријавил дека околу 11.00 часот на работното место во фирма на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од Е.А.(36) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 16.04.2025 во 10.50 часот во СВР Скопје, С.Ш.(53) од Скопје пријавил дека во двор од основно училиште на подрачјето на Шуто Оризари, неговиот 14-годишен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.04.2025 во 18.25 часот во СВР Скопје. М.К.(49) од Скопје пријавила дека околу 15.30 часот на подрачјето на Гази Баба, едно лице со закана со остар предмет од нејзиниот 14-годишен син одзело пари и накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 16.04.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, С.А.М.(47) од Скопје пријавила дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 16.04.2025 во 18.30 часот во СВР Скопје, Т.Т.(49) од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот во основно училиште на подрачјето на општина Аеродром, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од негов соученик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.04.2025 во 12.35 часот во СВР Скопје, од Јавна установа за згрижување деца на подрачјето на Карпош било пријавено дека на 15.04.2025 околу 18.00 часот, по претходна расправија, во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници кои престојувале во установата, при што едниот од нив оштетил дел од инвентарот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.04.2025 во 11.30 часот во СВР Скопје, 31-годишна жена од Скопје пријавила дека во возило на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг Е.Д.(33) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.   

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против полициските службеници М.П., С.С., Х.С., Б.С., М.Д., Д.Ј.Ј., Н.В., Д.А., Г.С. и Д.Ч. поради постоење основи на сомнение за извршено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување’’ казниво по член 353 од Кривичниот законик. Имено, пријавените, вработени во Единицата за брзо распоредување, искористувајќи го стекнатото право за надомест на патни трошоци поради тоа што по лична карта се воделе со место на живеење надвор од Скопје, ја злоупотребиле службената положба на начин што примале парични средства  од Министерството за внатрешни работи  за денови  во кои не патувале од своето место на живеење до работното место во Скопје и обратно, со што во периодот 01.12.2023 до 17.09.2024 го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи во вкупен износ од  614.750 денари.  цр/

Фото: МИА архива      

Остани поврзан