• петок, 03 мај 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 8 март 2024 (МИА) - Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против А.Д.(45) од Скопје и Л.И.(40) од тетовско, со престој во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, казниво по член 353-в од Кривичниот законик. Првопријавениот А.Д. и второпријавената Л.И., двајцата вработени во Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, од јули 2021 година биле именувани за членови во Комисија за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. По доставени понуди за површини до три хектари по јавен повик, на 25.11.2021 постапиле спротивно на одредбите од Правилникот за начинот на работа на комисијата во постапките по распишани јавни огласи и постапките со прибирање на понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост“. Имено, пријавените без потребниот кворум започнале со јавно отворање на понудите, со што оневозможиле вклучување на останатите членови на комисијата и продолжување на постапката на законит начин. На 06.01.2022, членовите на комисијата, кои не учествувале на јавното отворање на понудите, дале предлог за поништување на постапката за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, кој бил прифатен од заменик министер во министерството и јавниот повик со решение бил поништен. На тој начин, пријавените предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 294.448 денари.

Синоќа во 21:00 часот во Куманово, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово го лишиле од слобода С.С.(46) од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени прашкаста и грутчеста материја и дигитална вага. С.С. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

Вчера во 17:15 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.Ф.(45) од Куманово. Тој се сомничи дека извршил повеќе кражби од возила и приватни имоти во Куманово. А.Ф. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

Во Куманово, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово вчера го лишиле од слобода Љ.А.(41) од Куманово. Тој се сомничи дека на В.М. од Куманово и Ш.Ш. од Радовиш, осуденици во Казнено-поправната установа Затвор К’шање, им организирал внесување и продажба на дрога. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Е.З.(27) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Л.Ќ.(33) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување кривично дело“. Тој, на 20.12.2023 во ОВР Струга пријавил дека од неговиот дом биле одземени пари, злато и други вредни предмети, а по преземени мерки  било констатирано дека лажно го пријавил делото.    

Во рамките на акциска контрола, спроведена ноќеска (08.03.2024) околу 00:20 часот во угостителски објект во тетовско Жеровјане, сопственост на 34-годишниот Х.А. од тетовско Боговиње, кај 40-годишната А.Д. од Охрид бил пронајден и одземен нож. Нож, исто така, бил пронајден и одземен и од В.О.(38) од тетовски Пирок. На двајцата им се изготвени поднесоци по член 80 од Законот за оружје.

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 186 возачи. Од нив четири возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 111 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 75 надвор од населено место.

Синоќа во 22:30 часот во СВР Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Г.Р.(21) од Битола поради сомнение дека извршил обљуба врз малолетничка од Битола. Против него, до Основното јавно обвинителство Битола е поднесена пријава по член 188 од Кривичниот законик, а од судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор.

Денеска во 01:00 часот во СВР Скопје, 35-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода, таа и нејзината мајка биле физички нападнати од нејзиниот сопруг Д.Н.(57), кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14:10 часот во СВР Скопје, 52-годишна жена од Скопје пријавила дека на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот поранешен сопруг Т.С. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 12:45 часот во СВР Скопје, С.З.(36) од Скопје пријавил дека околу 10:30 часот во с.Стајковци, скопско, бил физички нападнат од Љ.К.(68). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 21:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на подрачје на Карпош – Скопје едно лице со закана кон вработениот одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 21:55 часот во Полициската станица Велес, М.Б.(34) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес бил каснат од куче скитник.

Вчера во 11:00 часот, Ѓ.М.(49) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улица „Прилепска“ била касната од куче скитник.

СВР Велес поднесе кривична пријава против А.К.(40) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 13.08.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени марихуана, амфетамин, тетрахидроканабинол и предмети со остатоци од тетрахидроканабинол.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Х.А.(35) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање лажен исказ“. На 15.05.2023, пријавениот поднел барање за издавање на дупликат патна исправа поради промена на податоци, а притоа сокрил дека патната исправа му била одземена на Граничен премин Прешево.

Регионален центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против П.П.(65) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавениот, во периодот од 11.10.2020 до 02.04.2021, додека незаконски престојувал во Сојузна Република Германија, обезбедил фалсификувани штембили од Унгарија во неговата патна исправа за да докаже дека неговиот престој во Европската унија не надминувал 90 дена. Патната исправа со фалсификувани штембили ја користел во повеќе наврати, но на 20.11.2022 при гранична контрола во Унгарија му била одземена и за тоа била водена судска постапка во Унгарија. После тоа, на 04.01.2023 пријавениот пријавил дека патната исправа му била изгубена, по што му бил издаден издаден нов пасош во Република Северна Македонија, по што ги користел двете патни исправи. фф/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан