• среда, 24 април 2024

МВР-билтен

МВР-билтен

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - По преземени оперативни мерки и активности, полициски службеници од ОВР Кочани при СВР Штип расчистија седум кривични дела, од кои пет кривични дела „тешка кражба“ и две „тешка кражба“ на дрзок начин  извршени на територијата на Кочани од угостителски и продажни објекти и една од физичко лице. Поради постоење основи на сомнение дека е сторител на делата, на 27.03.2024 од слобода бил лишен Е.Р.(37) од Кочани. Во службен разговор во полициска станица тој ги признал кривичните дела, а поголем дел од украдените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани.  По целосно документирање на случаите, против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 27.03.2024 во 18.50 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле Ф.Ј.(18) од Кавадарци. Тој се сомничи дека извршил „кражба“ од дворот на манастирот „Свети Никола Моклишки“ во атар на с.Ваташа, Кавадаречко, при што одзел повеќе предмети. Кај него биле пронајдени одземените предмети и биле вратени на сопственикот.  За настанот бил известен јавен обвинител и по негово документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.03.2024 во 13.15 часот во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово - Одделение за внатрешни работи Гостивар ја лишиле од слобода 47-годишната С.Ѓ., која непосредно пред тоа во трговски објект на улица „Илинденска“ во Гостивар противправно одзела неколку предмети. Одземените предмети биле вратени во објектот, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 20.15 часот на ул.„Рампо Левката“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Д.А.(21) и Д.А.(19), двајцата од Прилеп, затоа што при преглед кај нив и на патничко возило „опел астра” со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал Д.А.(21), а Д.А.(19) бил сопатник, биле пронајдени повеќе апчиња „бупренорфин“ и капсули „трамадол“ без соодветна документација. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 23.45 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода С.Д.(26) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 17.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.М.(35) од Охрид затоа што кај него била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 14.30 часот на подрачјето на Чаир во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ја лишиле од слобода И.И.(21) од Скопје затоа што кај неа била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 21.30 часот на подрачјето на Драчево во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.П.(24) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 15.40 часот на Граничен премин Долно Блаце, полициски службеници го лишиле од слобода Џ.Р.(39) од с.Црн Врв, општина Студеничани. При извршена гранична контрола било констатирано дека патничкото возилото „џип компас“ со италијански национални ознаки, кое го управувал, сопственост на правно лице од Италија, евидирало во базата на Интерпол како украдено. Тој бил задржан во Полициското одделение Мирковци, а возилото било одземено за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.      

Во текот на вчерашниот ден (27.03.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 173 возачи. Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 60 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 113 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (27.03.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 167 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 16 санкции, 10 мерки за возење без возачка дозвола, 14 санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, девет мерки за користење на мобилен телефон при возење...

Во текот на вчерашниот ден (27.03.2024) во периодот од 08.00 до 12.00 часот спроведена е акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници. При контролата санкционирани се 34 прекршоци, од кои 23 поради неисправен уред за запирање... Упатени на вонреден технички преглед биле 181 автобус и други возила кои вршат јавен превоз на патници. За време на контролата констатирани и законски санкционирани се и 159 други видови на сообраќајни прекршоци.

На 27.03.2024 во 15.40 часот во ОВР Кавадарци, Г.Г.(49) од село Дреново, Кавадаречко, пријавил дека во село Фариш, Кавадаречко, бил каснат од куче скитник.

На 28.03.2024 во 00.45 часот во СВР Битола, Е.Ц.(53) од Битола пријавила дека на ул.„Широк сокак” во Битола била касната од куче скитник.

На 27.03.2024 во 21.40 часот во СВР Тетово, 47 - годишниот тетовец С.С. пријавил дека на улица „Љубо Божиновски-Пиш“ во Тетово, неговата ќерка била касната од куче скитник. мд/

 

 

Остани поврзан