• петок, 05 декември 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)
Скопје, 9 април 2021 (МИА) - Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, ОВР Струга поднесе кривична пријава против Љ.А.(24) од Дебар. При  преглед извршен на 16.10.2020 на регионалниот пат Струга - Вевчани, кај месноста „Суво поле“, соопштија денеска од МВР, кај него бил пронајден и одземен хероин. На 08.04.2021 на подрачјето на СВР Тетово е спроведена засилена акциска контрола за техничка исправност на возилата и други видови сообраќајни прекршоци. При контролата откриени се и санкционирани 15 технички неисправни возила (ТЕ-9 и ГВ-6). Сите технички неисправни возила веднаш се исклучени од сообраќај. Покрај ова, санкционирани се 31 возач (ТЕ-17 и ГВ-14), меѓу кои 7 (ТЕ-2 и ГВ-5) кои управувале без возачки дозволи. Во вчерашните активности санкционирани биле и 6 непрописно паркирани возила (ТЕ-2 и ГВ-4). На 08.04.2021 во 18.30 часот во Штип од страна на полициски службеници лишен е од слобода И.А.(33) од Штип, затоа што околу 15.05 часот во обложувалница на ул.„Енгелсова“ во Штип употребил фалсификувана банкнота од 1000 денари. Од страна на полициски службеници од СВР Штип банкнотота била одземена за понатамошна постапка. По документирање на случајот против И.А. ќе биде поднесена соодветна пријава. На 08.04.2021 во 19.20 часот во Полициска станица Аеродром, А.Н.(19) од Скопје пријавила дека на бул.„Видое Смилевски Бато“ во Скопје била касната од куче скитник. На 08.04.2021 во 11.18 часот во СВР Штип, од Казнено-поправната установа Затвор Штип било пријавено дека при преглед и претрес во затвореното и полузатвореното одделение во Затворот, бил пронајдена прашкаста материја. Полициски службеници од СВР Штип ја одзеле прашкастата материја за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот. ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против Ж.С.(32) од с.Ваташа, кавадаречко, поради постоење основано сомнение за сторени две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“  и „овозможување на употреба наркотични дроги“. На 29.10.2020 на ул.„Киро Арсов“, од полициски службеници од ОВР Кавадарци, при извршен претрес во дом и помошни простории, кај Ж.С. биле пронајдени и одземени 450 грама хашиш, марихуана, шприц со хашиш смола, амфетамини и предмети со остатоци од амфетамин. На 08.04.2021 во 16.09 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопат Скопје-Тетово, пред наплатна рампа „Глумово“, две лица кои биле со патничко возило „мерцедес“, физички го нападнале М.С.(50) од Р.Србија, кој управувал товарно возило „ман“, со српски национални  ознаки, а потоа со метален предмет го оштетиле стаклото на неговото возило. За настанот е запознаен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот. На 09.04.2021 во 02.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Ѓорги Сугаре“, во стан сопственост на О.Л.(43), настанал пожар при што биле опожарени неколку простории. Пожарот е изгаснат и нема повредени лица. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. На 08.04.2021 во 18.20 часот во СВР Скопје од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив бил примен повреден И.С.(37) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со повредите откако бил физички нападнат со тврд предмет од М.Т. во скопската населба Припор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. СВР Куманово, поднесе кривична пријава против С.Д.(34) од Куманово, поради постоење основано сомнение за кривично дело „предизвикување општа опасност“. Пријавениот,  заедно со уште четири лица на 03.06.2020, на локалниот пат Старо Нагоричане- с.Никулане, физички го нападнале Г.Д, а едно од лицата со пиштол испукало неколку куршуми. ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Б.Д.(47) од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во периодот од 2015 до крајот на 2020, лажно претставувајќи се како овластен застапник на здружение од Прилеп, иако имал овластување да раководи со средствата на здружението покрај овластеното лице Г.К од Прилеп, како законски застапник на здружението, во име на здружението изготвувал и лично доставувал „барања за донации“ до различни правни субјекти, јавни претпријатија и физички лица. Како овластено лице на сметката од здружението, во наведениот период ги подигал сите донирани парични средства и ги искористил за лични цели. Покрај ова, во дел од барањата за донации, наместо сметката на здружението, ја навел трансакциската сметка на неговата сопруга и на ваков начин, покрај веќе споменатите средства, противправно се стекнал со парични средства кои по основ на донации се слевале на сметката на неговата сопруга. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.Д.(55), од с.Трапчин Дол, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело  „фалсификување исправа“. На 09.04.2014 пријавениот, со намера да ја искористи поволноста за прва регистрација на увезено половно возило кое не ги исполнува законски предвидените ЕУРО норми и стандарди, која ја имаат државјаните на РСМ кои се враќаат од странство, до Бирото за метрологија поднел барање за издавање потврда при што покрај другата документација  доставил и копија од странска сообраќајна дозвола за возило на негово име, но со преправени податоци, со намера да ја искористи како вистинска во постапката за идентификација и регистрација на мотоцикл „хонда“. Од увидот во оригиналната документација констатирано е дека странската сообраќајна дозвола гласи на име Н.К., како и копијата од царинската декларација, исто така, со преправени податоци. СВР Штип, СВР Тетово, СВР Охрид и СВР Велес поднесоа кривични пријави против девет лица, и тоа: И.Т.(43) од Кратово, Џ.Ш.(37) од Штип, Е.Р.(29) од Кочани, Е.С.(39) од Охрид, Е.Р.(36) од Скопје, Р.М.(22) од Кичево, Ш.Ј.(30) од с.Колари, кичевско, Б.М.(32) и И.С.(27), двајцата од с.Корешница, демиркаписко, поради постоење основи на сомнение за сторени девет кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените, во временскиот период од 12.03. до 05.04.2021 година, постапиле спротивно на одлуката на Владата за забрана на движење во временски период од 22.00 до 05.00 часот. СВР Струмица поднесе кривична пријава против правно лице - угостителски објект од Гевгелија и А.К.(26) од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.  На 06.02.2021 околу 01.00 часот, при извршена контрола од полициски службеници од Полициската станица Гевгелија, било констатирано дека објектот работи и по дозволеното работно време, а внатре имало поголема група која присуствувала на семејна прослава. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против С.Ј.(48) од Берово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Во временскиот период од 02.02. до 11.02.2021, С.Ј. на социјалната мрежа „Фејсбук“ и на неговиот личен профил во јавноста ширел ксенофобичен материјал со кој поттикнувал омраза. На 08.04.2021 во 12.15 часот во с.Визбегово, скопско, од полициски службеници бил приведен Г.Т.(30) од Скопје, бидејќи агресивно се однесувал и се обидел физички да нападне полициски службеник кој вршел службени дејствија. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок. цр/

Остани поврзан