• вторник, 18 јуни 2024

Матуранти од Македонска Каменица протестираа против полагање државна матура

Матуранти од Македонска Каменица протестираа против полагање државна матура
Македонска Каменица, 11 декември 2020 (МИА) - Група средношколци матуранти попладнево излегоа на протест пред општинската зграда во Македонска Каменица, барајќи да не се реализира најавеното полагање на државната матура.
- Денеска сме собрани овде во најголем можен број со цел да ја дадеме нашата поддршка на сите матуранти на територијата на Македонија, за укинување на државната матура. Тука сме бидејки сме спремни да се бориме за нашите права и да дејствуваме со цел да направиме промена. Во овој случај се чувствуваме обесправени, а воедно и осакатени, бидејки изгубивме многу од потребниот материјал. Затоа прашуваме, како можеме да полагаме државна матура кога немаме услови за настава со физичко присуство, истакнаа средношколците на протестот.
Тие потенцираа дека протестираат и поради фактот што се генерација со која, како што додадоа, најмногу се екпериментирало во рамки на воспитно-образовниот процес во изминатите години.
- Можеме да кажеме дека сме генерација на експериментални глувчиња, поради тоа што први бевме кои полагавме екстерно тестирање, потоа ја имавме Кембриџ програмата, а сега сме први што полагаме матура во вакви услови. Секојдневно не известуваат за нови начини на утврдување на нашето знаење, а никој не се залага за правилно предавање на материјалот. Исто така во секој од нас тлее страв од можноста да се заразиме, поради тоа што матурата ќе треба да ја полагаме со физичко присуство во затворени простории, посочија на протестот каменичките матуранти.
Најавија дека протестите ќе продолжат се додека нивните барања не ги слушнат одговорните лица од општината. вс/фф/

Остани поврзан