• недела, 06 октомври 2024

Пожарот кај депонијата „Краста“ во близина на село Пчиња ставен под контрола

Пожарот кај депонијата „Краста“ во близина на село Пчиња ставен под контрола

Куманово, 18 јуни 2024 (МИА) - Пожарот што синоќа избувна во близина на депонијата „Краста“ кај кумановското село Пчиња и потоа ја зафати и самата депонија е ставен под контрола. На депонијата се уште се забележува чад, но има екипи кои дежураат. 

Пожарот е регистриран синоќа во 22:35 часот. Жителите на Пчиња и на повисоките зони во Куманово, прво забележале пламен. Жителите на блиското село Пчиња со механизација се обиделе да го стават пожарот под контрола. Тие велат дека пожарот, односно чад, се појавил пред три дена и тоа го  пријавиле, но оти надлежните не реагирале. Вчера, велат, огнот се доближил и до поле со житарици.

Во изјава за медиумите, жителите на Пчиња уште еднаш побараа дислокација на депонијата или нејзино затворање. Тие се револтирани и велат дека се венесува смет и од возила кои не се од Куманово.

Денеска Регионалниот центар за управување со кризи соопшти дека екипа на територијалната противпожарна единица Куманово интервенирала синоќа, прво со едно возило до 03:00 часот по полноќ. Во меѓувреме им се приклучила и втора екипа.

Од „Чистота и Зеленило“ велат дека во моментов пожарот на депонијата е под контрола.

-Пожарот не е настанат на самата депонија, туку 500 метри подолу во нива. Нашите екипи го забележале пожарот во 20 часот, излезени се и интервенирано е веднаш. Увидот ќе ја покаже причината за настанување на пожарот излезена и инспекција и СВР Куманово. Во моментов чади и има екипи кои дежураат, изјави директорот на „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Според надлежните, најдобро решение за овој проблем и генерално решение за депонијата е преадаптација на депонијата во трансфер центар во рамки на проектот за регионална депонија за источниот и североисточниот плански регион.

Според проектот, финансиран од ЕУ „Краста“ треба да стане претоварна станица на која ќе се одлага отпадот од Куманово и блиските општини, а потоа ќе се трансферира до централната депонија за двата региони. Од проектот бенефит ќе имаат и жителите на двете села кои произведуваат раноградинарски и други земјоделски продукти, како и општината, генерално целиот регион. ег/сст/

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан