• понеделник, 23 декември 2024

Мас: Северна Македонија одамна ги исполни условите за пристапување во ЕУ, во интерес на Унијата е што побрзо отворање на преговорите

Мас: Северна Македонија одамна ги исполни условите за пристапување во ЕУ, во интерес на Унијата е што побрзо отворање на преговорите
Скопје, 3 мај 2021 (МИА) - Сакам многу јасно да кажам дека Германија многу сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот. Особено тоа важи за Северна Македонија која одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и затоа минатата есен вложивме многу заложби да ја одржиме првата меѓувладина конференција во рамки на нашето претседателство. Тоа не успеа, но сега за време на португалското претседателство и понатаму работиме на тоа, тоа не само што има смисла туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните од Северна Македонија ја имаат во нас, но исто така и интерес на ЕУ е да бидеме што е можно побрзо во можност да ја отвориме таа пристапна конференција. Ова денеска го порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на заедничката прес-конференција во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. - Во рамки на реформите, Северна Македонија понатаму продолжува и тоа е јасен сигнал до Европската Унија дека вие сте сериозни во спроведувањето на реформите, особено што се однесува до правната држава и тоа е добрата вест и со тоа испраќаме јасна порака дека се движиме кон заедничката цел и Германија стои на ваша страна, потенцира Мас. Мас, во врска со можноста Северна Македонија и Албанија да се разделат на патот кон ЕУ, е дециден дека раздвојувањето на двете земји не е став што го споделува Берлин. - Што се однесува на прашањето за раздвојувањето меѓу Северна Македонија и Албанија, вакви дискусии веќе имало и порано, и претходно, но обратно. Во минатото ништо не се смени за пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија, а тоа е да бидат водени понатаму заедно во пакет и сметам дека во сегашниот момент германската Сојузна влада исто така многу се залагаше за време на нејзиното претседателство и сега дава поддршка на португалското претседателство да може што е можно побрзо да се изнајдат решенија за решавање на билатералните прашања. Со тоа да може брзо да се отвори пристапната конференција за Северна Македонија и за Албанија. Какви било други размислувања за разделувања на овие две земји не се мислења што ние ги споделуваме, рече Мас. Во врска со истото прашање, Османи рече дека иако ЕК за Северна Македонија 11 пати по ред дава препорака за започнување преговори, и дека и покрај тоа што „кондиционалноста на процесот на проширување се заснова на индивидуалните заслуги на секоја земја посебно“, искуствата покажуваат дека кога државите се движат заедно во процесот, синергијата што се создава е поголема отколку збирот на поединчното движење на државите. - Сметаме дека Албанија и Северна Македонија ги имаат исполнето условите и треба да започнат преговори и тоа ќе даде нова динамика на регионалната перспектива на регионот, и со тоа ќе се придружат на Црна Гора и на Србија кои веќе ги имаат започнато преговорите. Така што не гледаме причина зошто би имало издвојување, особено, кога Северна Македонија ги има исполнето сите критеруми - има 40 проценти од европското аки преточено во своето домашно законодавство, 95 проценти ја има усогласено својата надворешна и безбедносна политика со таа на ЕУ, ги имаме постинато економските и политичките критериуми за членство, така што не гледаме причина зошто Северна Македонија би останала назад во овој процес, истакна Османи. Османи исто така рече дека германската поддршка е од суштинско значење за земјава и се заблагодари на личниот ангажман на Мас, на упорноста на канцеларката Ангела Меркел и на Владата на Германија за досегашниот успех на европскиот пат на Северна Македонија. - Неуспехот на Советот на ЕУ да ја формализира одуката од минатата година останува наш заеднички предизвик за оваа година. Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор. Операционализација на одлуката за полето на преговорите преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евроинтеграцискиот процес. Особено ме охрабрува фактот што во рамки на претседавачкото трио, Германија ја задржува својата проактивна улога во поддршка на португалското претседателство со цел да се донесе вистинската одлука што ќе упати охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти европскиот кредибилитет во целост, истакна Османи. Тој потсети дека земјава нема да ја запостави имплементацијата на реформите, со посебен акцент на  јакнење на правната држава и борбата против корупцијата, каде, посочи тој, и досега е постигнат исклучителен резултат. - Борбата против криминалот и корупцијата ќе остане неселективна и непристрасна и ќе направиме се за да ги задржиме и оваа година високите оценки кои континуирано ги добиваме од ЕУ, рече Османи. Мас, од своја страна, истакна дека недостигот со снабдувањето вакцини и даде можност на ЕУ да покаже знак на солидарност и од мај ќе испрати 650.000 дози на вакцини како донација за Западен Балкан, од кои 110.000 ќе бидат за Северна Македонија. - Потребни се многу повеќе вакцини за да ги снабдиме нашите соседи, само така ќе успееме заеднички да ги надминеме економските, социјалните, но и психолошките поледици од оваа пандемија. Заради тоа ние како ЕУ даваме поддршка за целиот регион од висина од 12 милијарди евра. Тоа е многу важен дел од нашата заедничка соработка и важна основа за економското закрепнување на земјите надвор од ЕУ, рече Мас. Друг значаен чекор, додаде тој, е да продолжи унапредување на економската соработка, особено за подобрување на животот на луѓето во регионот, за чија цел и започнаа Берлинскиот процес за приближување кон Западниот Балкан, како и заедничкиот акциски план изработен на последниот Самит во Софија минатата година, со кој се зајакнува економската соработка за сите држави, овозможува слободно движење за сите во регионот и чекор по чекор ги решава поличките спротивности.

Посетата на Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг. нд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан