Масовна акција за чистење и уредување во Македонска Каменица
- ЈП „Камена Река“ и Општина Македонска Каменица со заеднички активности за подобрување на јавната хигиена и урбаниот изглед на градот
Македонска Каменица, 2 февруари 2026 (МИА) - Јавното претпријатие „Камена Река“, во координација со Општина Македонска Каменица, започна масовна акција за уредување и чистење на градот, со цел унапредување на јавната хигиена и подобрување на целокупниот изглед на урбаната средина.
Акцијата опфаќа темелно чистење на сите улици и сокачиња, паркови, јавни и зелени површини, како и простори околу јавни објекти, тротоари и заеднички површини. Посебен акцент е ставен на централното градско подрачје, населбите со поголема фреквенција на движење, како и локациите околу образовни и јавни институции.
Активностите се реализираат со ангажман на вработените во ЈП „Камена Река“ и со користење на соодветна механизација, а според најавите од надлежните, акцијата ќе се одвива во наредните денови, со можност да продолжи и во континуитет, во зависност од состојбата на терен.
Од јавното претпријатие и општината упатуваат апел до граѓаните да дадат активна поддршка, да се воздржат од несовесно одлагање на отпадот и да придонесат кон зачувување на јавната чистота. Воедно, се потсетува дека за непочитување на прописите за јавна хигиена се предвидени соодветни санкции, кои ќе се применуваат согласно важечките одлуки и законски регулативи.
Надлежните потенцираат дека само со заедничка грижа и одговорност на институциите и граѓаните може да се обезбеди почиста, поуредна и поубава Македонска Каменица, како и подобар квалитет на живеење за сите жители. вс/са/
Фото: МИА