Сајтот на МД „Илинден“ - Тирана и на англиски јазик
- Сајтот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, покрај на македонски и албански, сега е и на англиски јазик.
Дебар, 2 февруари 2026 (МИА) – Сајтот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, покрај на македонски и албански, сега е и на англиски јазик.
-Потребата на времето е сајтот да биде и на англиски јазик, со цел достап до него да имаат многу поголем број следбеници. Тоа беше наша замисла од поодамна, која сега ја реализиравме, па може нашите активности, работа и ангажираност да бидат следени и надвор од македонското и албанското јазично подрачје, рече за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Македонското друштво „Илинден“ е формирано на 6 февруари 2009 година и регистрирано во Основниот суд во Тирана, со цел заштита и афирмација на етничкиот, јазичен, културен, верски, историски идентитет на Македонците во Република Албанија. Мисија која продолжува со несмалена динамика.
-Исто така, друштвото е рамноправен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 15 мај 2015 година и редовно учествува на сите конгреси на ФУЕН, каде поднесува резолуции чија содржина и намера е подобрување на животот на Македонците во Република Албанија. Истите се едногласно усвоени и се доставени до сите државните институции на Република Албанија и меѓународни институции кои се поврзани со малцинствата. Овие резолуции придонесуваат за подобрување на положбата на Македонците во Република Албанија, нагласи Ѓурѓај.
Во функција на рамноправен член ФУЕН и како дел од Работната група на словенските малцинства во Европа при унијата, активно го подига прашањето за Македонците во Република Албанија на меѓунаротната сцена. вт/
Фото: принтскрин