• понеделник, 02 февруари 2026

Животните приказни на Братислав Димитров: Последната пура на Ернесто

Животните приказни на Братислав Димитров: Последната пура на Ернесто

Скопје, 2 февруари 2026, (МИА) 

Братислав ДИМИТРОВ

Кога едно сабајле открив дека мустаците не ми се бели од шампита, го тргнав огледалото. После ми се расипа и саатот, многу брзаше. Си купив песочен саат. Нема раат. И лекарствата не ми се погодија. Благодарение на универзалните фејсбук-експерти, конечно дојдов до вистинските апчиња. Не ме смируваат, ама ме прават задоволен дека сум напнат. И таман да се оптегнам ко гуштер на карпа, открив уште една грешка. Во новата лична карта ми напишале дека сум се родил на ист ден со Лав Николаевич Толстој. Барем да беше Трајче Кацаров. Не беше. Има уште. И тоа науката е за нигде и никаде: 2+2=4. Ова е точно, ама не е креативно.

Добро. Лажам. Кога почнаа да ми растат влакна од ушите и носот, а свеќичките станаа поскапи од мојата роденденска торта, јас и званично станав „олдтајмер“. Тогаш ни свети Петар не те поправа. Заборавив да кажам: И луѓето се расипани. Од толку многу работи на овој свет ти кажуваат само дека пепелот од цигарата, наместо во пепелникот, го тресеш на шлицот. Не е далеку денот кога ќе ти кажат дека џабе тресеш глупости пошто никој не те вика на ТВ-дебати. Што рече? Тоа е. Младоста има само еден симптом, а староста безброј.

Вчера, наместо решо, вклучив телевизор. Кога ќе ја вклучиш таа ѓаволска кутија, ти во истиот миг исклучуваш сè друго. Себеси најмногу. Заседнале во студиото истите редовни суртуци и го прикажуваат својот поглед на светот. Затоа излегувам на балкон. Сакам и јас да имам поглед на светот. Мал е, ама барем е мој. Еве излегов. Долу еден мој комшија кљамчи до своето „југо корал“ со дигната хауба и жали за бившата држава Југославија. Оправдано. Тогаш имаше делови за неговата лимузина и во трафики. Денес во трафиките има повеќе куртони од весници иако разликата тешко се забележува.

Бракот бил главната причина за развод. А како што изгледа, комшијата ќе се разведе и од својата крнтија. Кога во судот пополнувал некој формулар, во графата кого издржува го запишал својот механичар. Најмногу жалеше дека во моторот го сменил старото масло со ново, а купот плех ни да мрдне. Сакав да му се најдам и го посоветував: да го задржи маслото, а да ја смени колата. Бев изложен на антологиски пцости, клетви и закани. Со право. Тоа е исто како Еским да советува некој жител на Буркина Фасо што да прави на плус 56 степени во сенка.

Оној Бертолд Брехт никако да остари: „Несреќна е земјата што има потреба од херои. Но уште понесреќна е онаа што нема идеали“. Исто како и парите, идеалите најчесто се среќаваат во речници. Ова е приказна за тој феномен што се случи во далечното минато, а живее и денес. Зошто пишувам за минатото? Таму најдолго сум живеел. А во сегашноста се задржувам колку да ја направам минато за после да можам да пишувам за неа.  

Денес е 9 листопад (октомври) 1967 година. Ернесто Че Гевара ја пали својата прва пура и долго се загледува во бескрајниот хоризонт. Сонцето штотуку ја нагрнува својата пурпурна свила врз плеќите на околните планини над селцето Ла Игуера. Од тие мрачни боливиски пештери во секој миг може да нападнат душманите на неговите идеи и неговиот живот. За животот колај работа. Идеите остануваат. И смртта е мала исплашена животинка кога ќе се спореди со неговата луда страст. Но како да се справи со оваа неподнослива убавина што е распростена пред неговите блескави очи? Седи Че сам среде таа импресионистичка слика, која лично Господ ја насликал и дознава две работи. Може тој да убие секого, но оваа убавина го убива него.

И таман кога повлече еден дим од „хаванката“, безброј лути и отровни куршуми поминаа низ неговото тело како низ решето. Ернесно мирно стана како ништо да не било. Ја истресе прашината од својата униформа и со лесен чекор замина во легенда. Не знаеше кој е предавникот, но беше сигурен дека тоа беше неговата последна пура.

Така стана една од најдолговечните и најславни митови на многу генерации. Носевме баретки исти како неговата. Носевме маици со неговиот лик на кои пишуваше „Че е жив“. Носевме и сини школски униформи на кои пишуваше: „Јенки гоу хоум“. Но најмногу носевме восхит од неговата бестрашност. Ернесто покажа дека животот не е наш. Наше е само како ќе го живееме. Храбрите умираат само еднаш, а кукавиците секој ден. И кај нас во Северна, да ми извините на израз Македонија, имаше маички. Со ликови. Се пуфкаше и пура. Имаше и жестока молерска борба „прса у прса“. Еден наш истакнат револуционер успеа да го освои дури и далечинскиот ТВ-управувач од својата сопруга. Револуциите имаат само две мани: или не успеваат или, за жал, успеваат!

Имаме уште многу за фалење. Секој што сакаше да заличи на интелктуалец длабоко филозофски повторуваше дека не требало да се делиме на предавници и патриоти. Точно. Нема потреба. Тие реално си постојат во животот. Предавници има насекаде во светот, само што ретко кој може да се мери со нас. Ернесто Че Гевара го предаде Хонорато Рохас, локален овчар. Кога го прашале: Зошто го предаде човекот што се бори за вас сиромашните и обесправените? Овчарот лаконски одговорил: „Револуцијата ми ги плаши овците“.

Овците ги заклаа. Овчарот умре. А песната стана бесмртна: Hasta siempre, comandante. „За секогаш, команданте“.

Како денес изгледа светот? Како апстрактна слика нацртана на кафанска салфетка од Пабло Пикасо и Салвадор Дали заедно во пијана состојба. 1958 година славниот хрватски пејач Иво Робиќ заедно со Зденка Ковачичек (тогаш дете) го испеа еден од најголемите хитови „Мала дјевојчица“ („Мало девојче“) Еден од стиховите е: „Тата купи ми ауто, бицикл и ромобил...“ Денешната варијанта би била: „Тате купи ми дрон, атомска ракета, острово и држава...“

Затоа идеата на оној чудак Елон Маск да се провери и практично. Обичен, нормален и чесен човек најдобро е да се пресели на Марс. Таму има подобри услови за живеење. Барем кога ќе се спореди со овој на планетата Земја.

П.С.

Тој ден долго му ѕвонев на Тихо. Не ми се јави. Зафатен бил со својата смрт. Некој ден сигурно ќе ни се јави. До тогаш да ја исполниме неговата прва и последна желба. Да бидеме добри луѓе. 

Остани поврзан