Марш за фер и амбициозна климатска политика во Брисел
- Во Брисел денеска се одржа марш за заштита на климата во организација од Коалицијата за борба против климатските промени, од кој беше упатено барање до властите да обезбедат средства за реализација на „фер и амбициозна климатска политика“.
Брисел, 5 октомври 2025 (МИА) – Во Брисел денеска се одржа марш за заштита на климата во организација од Коалицијата за борба против климатските промени, од кој беше упатено барање до властите да обезбедат средства за реализација на „фер и амбициозна климатска политика“.
Маршот, организиран под мотото „Бараме политики што им нудат иднина на младите“, започна во поширокото централно градско подрачје на Брисел во близина на Ботаничката градина, од каде демонстрантите минувајќи покрај белгискиот Парламент и институциите на ЕУ, се упатија кон Паркот на педесетгодишнината, каде беше организиран концерт.
Според полицијата, во маршот, кој мина мирно и без инциденти, учествувале околу 20.000 лица, додека според организаторите нивниот број изнесувал 30.000.

Коалицијата за борба против климатските промени во најавата за маршот посочи дека властите имаат одговорност да сторат се што е во нивна моќ за да го ограничат продлабочувањето на климатската криза и не треба тоа прашање да го „стават на чекање“.
- Ги повикуваме белгиските и европските власти да инвестираат во нашата иднина, а не во нејзино уништување, изјави потпретседателката на Коалицијата, Надија Корнехо.
Коалицијата бара пренасочување на јавните ресурси кон конкретна и праведна климатска акција и исполнување на целите поставени со Парискиот договор за климата.

Според активистот на партијата Зелени, Јоп Масант премногу јавни пари се трошат на поддршка на секторите што користат фосилни горива, наместо тие средства да се користат за одржливи решенија, како што производство на енергија од обновливи извори или еколошки јавен превоз.
- Ги повикуваме политичарите повеќе да мислат на младите луѓе и на иднината. Младите најтешко ќе го почувствуваат влијанието на климатските промени, па затоа сакаме политики што ќе им дадат иднина во која ќе може да се живее, истакна Масант.
Коалицијата за борба против климатските промени ја повика и Владата на Белгија на претстојниот Самит за климата КОП30 во Бразил да се заложи за намалување на емисиите на штетни гасови до 2040 година за 90 проценти во однос на нивоата од 1990 година. сп/са/
Фото: Икс