• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Младите имаат европска визија и се наша движечка сила кон ЕУ

Маричиќ: Младите имаат европска визија и се наша движечка сила кон ЕУ

Скопје, 21 јуни 2023 (МИА) - Преговорите со ЕУ нè обврзуваат да исполниме сè она што е потребно за да обезбедиме одржлив развој на државата преку образование и економија која е базирана на знаење, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на дебата со младите која се одржа во Европската куќа во Битола.

Според Маричиќ, младите имаат европска визија и се наша движечка сила кон ЕУ.

-Најважните ресурси на македонското општество се студентите, кои со нивното знаење нè прават да бидеме конкурентни на европскиот пазар на труд. Целта на Владата е младите да останат дома и да придонесат за сеопфатниот напредок на Северна Македонија и да живеат и работат во својата држава, додаде вицепремиерот за европски прашања.

Тој истакна дека независните и професионални институции, владеењето на правото и квалитетното образование се здрав темел за напредок и развој на нашата држава.

На дебатата беше потенцирана и важноста од учеството и активноста на нашата држава во искористеноста на европските образовни програми, особено Еразмус +, која како што кажа Маричиќ, отвора многу можности и простор за интеракција со луѓе од различни култури и националности, што е потврда за почитувањето, уважувањето и обединувањето на различностите, како вредност која ја негува ЕУ.

На денешната дебата со студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола на тема „Учествувам и придонесувам: За нови европски можности!“ учествуваа и проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска, Еразмус координатор и Координатор на повеќе проекти од ИПА програмите за прекугранична соработка, Христијан Георгиевски, претседател на студентското собрание на Високата медицинска школа и Елена Грујоска, претседателка на Факултетско студентско собрание на Правниот факултет.бт/аа/

Фото/ Секретеријат за европски прашања

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан