• недела, 22 декември 2024

Маричиќ-Рот: Процесот на преговори со Унијата мора да се одвива непречено

Маричиќ-Рот: Процесот на преговори со Унијата мора да се одвива непречено
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска имаше средба со пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаел Рот, на која разговараа за следната фаза во евроинтеграцискиот процес и за важноста од непречено одвивање на процесот на скрининг. - Навистина ми е драго што сте денеска во посета на Северна Македонија, земја која ги започна преговорите за полноправно членство со ЕУ. Во овој наш успех стои и Вашиот личен ангажман, како и напорите и принципиелната поддршка од Вашата влада за проширувањето на Унијата на земјите од Западен Балкан, истакна вицепремиерот Маричиќ, соопшти неговиот Кабинет. Вицепремиерот Маричиќ го информирал Рот за чекорите кои земјава ги презема по прифаќањето на францускиот предлог, како и за претстојната промена на Уставот. Како што се наведува во соопштението, вицепремиерот Маричиќ и пратеникот Рот се согласиле дека во процесот на уставни измени е потребно сите политички чинители да застанат зад државниот интерес, со цел процесот на преговори да се одвива непречено. Вицепремиерот Маричиќ на состанокот го брифираше Рот и за процесот на подготовки околу скринингот, кој започнува на 15. септември, како и на ревидираната преговарачката структура која ќе биде усвоена идната недела, потенцирајќи дека институциите по координативните состаноци интензивно се подготвуваат за следната фаза во евроинтеграциите, а тоа е скринингот. Маричиќ и Рот потврдија дека гледајќи од денешна перспектива, кога Европа и светот се соочуваат со нови предизвици, се вреднува секој напор направен во насока на приближување на земјава кон ЕУ и извесното полноправно членство на Северна Македонија во Унијата. Во соопштението се наведува исто така дека Маричиќ и Рот посочиле дека Европската Унија не е само политички проект, таа е и мировен. „Рот додаде дека Северна Македонија направи многу во исполнувањето на европските критериуми и дека вака подготвени имаме добра основа, со добра динамика ќе ги водиме преговорите, а поддршката од Сојузна Република Германија ќе ја имаме за забрзување на реформите и усогласување со ЕУ стандардите, за побрзо да се подготвиме и да станеме земја членка на Европската Унија“, стои во соопштението. Во рамки на посетата на Северна Македонија, пратеникот на германскиот Бундестаг, Михаел Рот кој е и претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг има средби и со претседателот Стево Пендаровски, спикерот на Собранието Талат Џафери, со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и со претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски. ев/sa/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан