• недела, 24 ноември 2024

Маричиќ-Давидоју: Преговарачкиот процес со ЕУ мора да продолжи

Маричиќ-Давидоју: Преговарачкиот процес со ЕУ мора да продолжи

Скопје, 22 март 2023 (МИА) -  Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со специјалниот претставник на Романија за Западен Балкан, Адриан Давидоју со кого разговарале за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната соработка и за политичката ситуација во регионот.

Како што соопшти владиниот Секретаријат за европски прашања, вицепремиерот Маричиќ изразил благодарност за поддршката од страна на Романија за евоинтеграцијата и потенцирал дека секаков вид натамошна поддршка ќе биде добредојдена.

-Специјалниот романски пратеник Давидоју го потврди напредокот кој го имаме направено и изрази очекување дека ќе го искористиме позитивниот политички момент, ќе ги направиме уставните измени и ќе продолжиме со преговарачкиот процес, се наведува во соопштението од СЕП.

Вицепремиерот Маричиќ го информирал Давидоју и за текот на скринингот, изработката на патоказите и за актуелните реформи кои, како што кажа вицепремиерот „треба да ги продолжиме со поголема динамика и да испорачаме резултати, со цел да го забрзаме нашиот европски пат“.

Во таа насока, пак, Давидоју истакнал дека Романија, како една од помладите членки на ЕУ и со посвежи искуства во преговори за членство, стои на располагање за унапредувањето на соработката, преку експертска помош во процесот на преговори и тоа во повеќе области, меѓу кои борбата со корупцијата, правосудство и сајбер безбедноста.

На средбата присуствувала и амбасадорката на Романија во државава Адела Моника Аксинте. вг/лв/

Остани поврзан