• петок, 22 ноември 2024

МАПАС: Истекува рокот за поднесување на Изјава за членовите со бенифициран стаж

МАПАС: Истекува рокот за поднесување на Изјава за членовите со бенифициран стаж
Скопје, 13 јуни 2022 (МИА) - Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), ја известува пошироката јавност дека на 1 јули истекува рокот за поднесување на Изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд од страна на лицата кои имаат бенифициран стаж. -Согласно закон членовите на задолжителните пензиски фондови кои навршиле стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година согласно член 118 став (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, почнувајќи од 01 април 2022 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 01 јули 2022 година, се вели во соопштението од МАПАС. Изборот се врши со писмена изјава за продолжување на членство, а доколку членовите до 01 јули 2022 година не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане. По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд, пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметките на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот на ПИОСМ). -Членовите кои нема да дадат изјава за продолжување на членство остануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОСМ) од каде што ќе го остварат правото на пензија, потенцираат од МАПАС. сст/са/  

Остани поврзан