• понеделник, 16 септември 2024

Макрон го предложи Сежурне за еврокомесар во идниот состав на ЕК

Макрон го предложи Сежурне за еврокомесар во идниот состав на ЕК

Париз, 16 септември 2024 (МИА) – Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го номинира министерот за надворешни работи во заминување Стефан Сежурне за еврокомесар.

Сежурне е близок политички соработник на Макрон.

Претходно досегашниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, кој беше именуван за втор мандат во Европска комисија поднесе оставка.

Тој на Икс го објави писмото за оставката упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кое наведува дека оставката веднаш стапува во сила.

Бретон истакнува дека Лајен „од лични причини“ пред неколку дена побарала од Франција да ја повлече кандидатурата на Бретон за комесар, ветувајќи оти Париз ќе добие „наводно повлијателен портфељ“.

- Во светлината на овие најнови случувања, дополнителни докази за сомнително управување, морам да заклучам дека повеќе не можам да ги извршувам моите должности на Колеџот (на комесари). Затоа поднесувам оставка од функцијата еврокомесар, која ќе стапи во сила веднаш, истакна Бретон.

Лајен претходно побара од земјите-членки на ЕУ да номинираат и мажи и жени како кандидати за нејзиниот иден тим од 26 комесари, освен ако сегашниот комесар не остане на функцијата.

Бугарија е единствената земја која одговорила на тоа барање, поради што Лајен извршила притисок врз најмалку пет помали земји од ЕУ да ги заменат машките кандидати со жени за да се постигне целта за еднаква застапеност на половите во новата ЕК.

Лајен утре во Стразбур треба да ја претстави структурата на новата Комисија и распределбата на ресорите меѓу кандидатите за комесари. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан