Македонците во Албанија го одбележуваат Христовото раѓање - Божик
- Во црквата „Свети Архангел и Михаил“ во Пустец света божиќна литургија одржа свештеникот Алексо Темелко.
Пустец, 7 јануари 2022 (МИА) – Македонците во Албанија, каде и да живеат, го одбележуваат Христовото раѓање, Божик.
Тие присуствуваа на светите литургии одржани во божјите храмови, а онаму каде што се во помал број и немаат постојан свештеник, ги посетија црквите и запалија свеќи за здравје, честитајќи си го празникот со зборовите Христос се роди - навистина се роди.
Во црквата „Свети Архангел и Михаил“ во Пустец света божиќна литургија одржа свештеникот Алексо Темелко.
- Возљубени браќа и сестри. Да ја запалиме во нас и во нашите души и срца светлината и љубовта на Христос. Светлина која ќе не осветлува и ќе ја истера од нас темнината. Да ја разгласиме и да ја даруваме оваа љубов кај сите луѓе, особено кај тие што се изнемоштени, кај тие што се осамени, кај натажените и исплашените. Сега повеќе од секогаш луѓето имаат потреба од Христовата љубов затоа што совршената љубов го истерува надвор стравот и не исполнува со сигурност, мир и радост, порача отец Темелко.
Христовото раѓање се слави насекаде во Албанија каде што живеат Македонци. Во духот на македонските обичаи и традиции, разменувајќи си желби за здравје, среќа, мир, благосостојба, Македонците присуствуваат на светите богослужби во областите Мала Преспа, Голо Брдо, Врбик, како и Корча, Билишта, Подградец, Елбасан и Тирана.
Ден пред Христовото раѓање, одбележан беше Бадник, со палење бадникови огнови, а не изостанаа ниту малите коледарчиња. вт/цр