• среда, 15 мај 2024

Македонските врвни вина на „ВинИтали“ во Верона – една од светските престолнини на виното

Македонските врвни вина на „ВинИтали“ во Верона – една од светските престолнини на виното

Скопје, 21 aприл 2023 (МИА) - Ако е точна старата добро позната мисла дека сите патишта водат кон Рим, во периодот од 2 до 5 април за винските професионалци тоа беше Верона. Овој италијански град беше средиштето, епицентарот на винските професионалци, производителите, дистрибутерите и љубителите на вино од светот.

Сместена во североисточниот дел на Италија, Верона, која е една од најпосетените туристички дестинации во земјата, градот на љубовта, во посочениот период е домаќин и на еден од најпознатите и најголемите саеми на вино и алкохолни пијалаци во светот. Овој своевиден фестивал на виното со богата традиција е место каде се случува целиот глобален синџир на снабдување со вино веќе 55 години.

Оваа година на ВинИтали Северна Македонија заедно со Србија и Албанија првпат се претставија со заеднички штанд „Wine vision by Open Balkan“.

Станува збор за презентација и промоција на регионалниот саем за вино „Винска визија Отворен Балкан“, кој првпат во септември 2022 година во Белград го организираа трите земји во рамки на иницијативата Отворен Балкан. Саемот постигна голем успех со учеството на повеќе од 350 изложувачи не само од регионот туку и од цела Европа, а второто издание е веќе закажано за крајот на ноември, во српскиот главен град.

На отворањето на саемот на 2 април штандот го посетија премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама. Тројцата беа во обиколка на саемот, при што ги посетија халите и штандовите на регионите Венето и Лацио, како и заедничкиот штанд на земјите од Отворен Балкан. Нивни домаќини беа Антонио Тајани потпретседател на Советот на министри и шеф на италијанската дипломатија и претседателот на италијанскиот регион Венето, Лука Заја.  

Во изјавите во кои ги сумираа своите импресии од ВинИтали премиерот Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој го придружуваше, со заедничка оценка дека врвните македонски вина се рамо до рамо со италијанските и со светските. Премиерот нагласи дека овој Саем преставува можност за винариите од регионот за промоција на своите производи, но и за привлекување на инвеститори, додавајќи дека винскиот сектор е посебно важен за земјава која е втор извозник на вино на Балканот, по Грција и 29-та во светот.

Инаку, Република Северна Македонија на овогодинашниот Саем во Верона  се претстави со над 70 видови од нашето најквалитетно македонско вино, за чии уникатни квалитети се погрижија да бидат достојно презентирани тројца врвни сомелиери.

На штандот на Wine Vision by Open Balkan заедно со српски и албански винарии, од македонската винска индустрија беа преставени 16 винарии: „Тиквеш“, „Бовин“, „Стоби“, „Сопот“, „Венец“, „Имако Вино“, „Камник“, „АД ЗИК Градиште“, „Илиев“, „Олд Скул“, „ Семејна Винарија Арабеска“, „Подрум Параџик“, „Винарска Визба Попови“, “Domaine Lepovo”, “Далвина” и „Семејна Винарија Максимилијан“, со над 70 различни етикети.

Елена Младеновска од Вина од Македонија, која беше дел од организацијата на нашиот штанд, посочува дека со учеството на ваков тип интернационални саеми се гради имиџот и препознатливоста на Македонија како винска земја во светски рамки и воедно се остваруваат контакти со диструбутери и купувачи со цел зголемување на продажбата.

-Ваков тип на настани се многу важни во делот на градење на препознатливост и имиџ на нашата држава како винска земја со претставување покрај на вината и на локалните традиционални производи и храна, вели Младеновска.

Во рамките на саемот, се одржа и посебна мастерклас дегустација на македонските, српските и албанските вина чии карактеристики и специфичност беа претставени од страна на познатиот италијански вински критичар Лука Гардини, како и Томаж Кавчиќ, шеф на словенечкиот ресторан Дворец Земоно, кој има добиено Мишелин ѕвезда.

На заедничкиот павилјон на „Винска визија на Отворен Балкан“, српската винска индустрија беше застапена со над 50 етикети, а на првиот ден од саемот за дегустација беа понудени 20 вина, главно бели и црвени и едно до две пенливи вина, со акцент на српски автохтони сорти грозје, како што е прокупец.

-Ги распеделивме вината така што секој ден да излеземе со помал број винарии. Не сакаме да брзаме, туку да имаме доволно време на секој просечен конзумент, потрошувач или евентуално на некој кој е заинтереисран за увоз на  српски вина, да имаме време да му го кажеме целиот тој концепт за тоа каде се наоѓа винаријата, што сакал винарот да постигне и која храна оди со тоа вино. Колку време виното одлежувало, кои сорти се користени итн, вели еден од сомелиерите во изјава за МИА.

Во зависност од возраста на конзументот, од неговото ниво на знаење за вината, што може да се процени од тоа какво вино бара, по начинот на кој го мириса виното и како го коментира, умешноста на сомелиерот, додава тој, е да се обиде да изнајде баланс што се треба да им се понуди да пробаат, а што не, што би им било заморно, а во што би уживале.

-За секој сомелиер  присуството на саемот е и можност да се види што тоа најмногу се пие денес по светот, што се бара, дали се тоа лесни вина, барикирани вина, вина од амфора, потоа кој е стилот на правење на вината, на кој начин се произведуваат, па се до дизајнот на етикетата. Земјите кои се најголеми производители на вино се и најголеми потрошувачи и тие го диктираат стилот на потрошувачка во другите земји и затоа е битно да се види што тие конзумираат, за да се предвиди потрошувачката кај нас во наредниот период, наведува сомелиерот .

На албанскиот дел од штандот на кој беа претставени повеќе од 15 вина од нашиот западен сосед, главно црвени, како и алкохолни пијалаци, вниманието го привлече ракијата од медитерански шафран, за која се вели дека има лековити својства.

Како што ни посочи љубителот на вина Ервис од Албанија, станува збор за гроздова ракија со ноти на шафран, еден од најскапоцените зачини во светот, за која се вели дека има и лековити својства. Овој нов производ  доаѓа од винарија од местото Марикај во централна Албанија, а се произведува од 2021 година.

Комплименти од посетителите за квалитетот на вината и саемската презентација 

Пазарот на вина во глобални рамки, според експертите за вино, се заснова на италијанските, француските и шпанските вина и мал дел на вината од новиот свет. За земјите од Балканот како Северна Македонија, Србија, Албанија каде се произведуваат одлични вина, вистински предизвик е да ги заинтересираат странските љубители на вина и дистрибутерите да пробаат нови квалитетни вина, да ја прошират понудата со етикети од нови географски подрачја.

Пробивот на ваквите пазари е можен само со висококвалитетни вина, особено за едуцираните, пробирливите потрошувачи со софистициран и изграден вкус.

За штандот на „Винска визија на Отворен Балкан“, но и за вината презентирани на саемот пофалби од колегите од Италија и од другите земји од регионот.

Масимо е од Италија, има свој бар во Лаго ди Гарда, блиско мошне популарно  елитно излетничко место крај Верона.  На саемот вели прв пат имал можност да проба македонски вина.

 -За мене најдобрите италијански вина доаѓаат од Тоскана, Брунело ди Монталчино, но новост за мене е Македонија, вели Масимо кој по дегустацијата на повеќе од 20 етикети црвени вина на првиот ден од саемот како свој фаворит одбра токму вино од македонска винарија.

Спроти павилјонот на „Винска визија на Отворен Балкан“, на саемот беше лоциран штандот со словенечки вина. Учеството на ВинИтали е во организација на Здружението на мали винарии од Словенија, со финансиска поддршка од нивната држава, која им покрива 80 проценти од трошоците. Ова Здружение брои околу 150 членки, а на заедничкиот штанд на саемот беа присутни 25 винарии.

Од винаријата „Мулец“ ни понудија да пробаме од нивното розе, единственото црвено вино од вкупно 10-те етики со кои учествуваат на саемот. Го прашавме Грегор Мулец сопственик на винаријата со речиси 150-години семејна традиција, која се наоѓа во близината на Марибор на границата со Австрија, која е тајната на доброто розе.

-Треба да е секогаш свежо, да нема премногу алкохол, и да се конзумира добро разладено на температура од 5-6 степени, вели Грегор кој го пофали штандот на „Винска визија Отворен Балкан“ како еден од најдобрите на саемот.

Произведува околу 30.000 литри вино годишно, од кои 3.000 флаши розе или 10 отсто од вкупното производство. Доминантни 90 проценти отпаѓа на бело вино, а главно извезуваат на пазарите во Австрија и Германија. Задоволен беше од првиот ден на ова прво учество на саемот во Верона, а се надева дека ќе привлече купувачи од винотеки, гостилници.

Од Балканот можеше да се забележи и штанд со вина од Бугарија. Претставувањето на 16 винарии, секоја со по шест етикети е овозможена со проект финансиран од тамошното Министерство за земјоделство посветен на популаризација на бугарското вино. Со спонзорство од проектот учествувале на Вин Експо во Париз, во февруари, а на саемот во Верона се прв пат.

-Бугарија како и земјите од Балканот произведуваат многу добро вино и светот треба да дознае за нив, вели Елена која беше еден од презентерите.

Вина од Португалија, Франција, Аргентина, Чиле, Јужна Африка...

Во халата со интернационални учесници можеа да се дегустираат вина од сите страни на светот. Важноста да се промовираат на еден ваков голем вински саем е подеднакво значајна како за добро познатите вински земји, така и за новите и засега непознати региони во светот.  

На нашиот домашен пазар за разлика од италијанските и француските вина, португалските поретко може да се најдат, а на ВинИтали имавме можност да пробаме и вина од Португалија. Жозе Силвестре од Португалија на саемот учествуваше со вина од неговата семејна винарија која има традиција од средината на 19 век. Тој е петта генерација, која се занимава со производство на вино. Лоцирани се на 50-тина километри северно од Лисабон. Поседуваат 40 хектари лозја, од кои доминантни 80 проценти се сорти на црвено вино, од автохтони португалски и од меѓународни сорти грозје. Околу 60 проценти од нивното производство е наменето за извоз и тоа доминантно во Бразил и Франција.

Ова е второ учество на ВинИтали, после мошне задоволителните резултати кои ги постигнале лани на саемот. Воспоставиле контакти не само со дистрибутери од Италија, туку и од други земји како Швајцарија, а оваа година се надева на проширување на деловното партнерство со нивниот италијански дистрибутер и на можност за соработка и извоз на нови пазари.

Помеѓу времето минато во обиколка на повеќе штандови и дегустацијата на разни вина од најразлични делови од светот можност за одмор и закрепување на посетителите на саемот нудеа штандовите со храна. На крајот од првиот ден, убава енергија и задоволни лица. Саемот ги затвори портите, сомелиерите, дистрибутерите и посетителите ентузијасти и вљубеници во виното ги напуштија халите. Време за да си ги средат впечатоците, да се одморат и да се подготват за наредниот ден и за ветувањата кои саемот ги носи со себе за нови непредвидливи и возбудливи средби со нови вина и производители на вино.   

ВинИтали спој на винската култура и атрактивната туристичка понуда на Верона

На еден од најголемите саеми за вино во Европа - Vinitaly 2023, во Верона, оваа година беа преставени повеќе од 4.400 компании и излагачи од 30-тина различни земји, а саемот привлече и над 25.000 професионална винска публика од целиот свет, поточно од преку 130 земји

Саемот претставува собир на домашните и меѓународните производители на вино од целиот свет кои сакаат да се претстават на една од најпрестижните светски саемски манифестации, посветени на виното и негувањето на винската култура, но и можност и за увозниците и дистрибутерите на вино да ги запознаат и да остварат соработка со врвни италијански и меѓународни производители на вино. 

Верона покрај виното е и глобално препознатлива туристичка дестинација, како градот на Јулија, градот на вљубените, местото каде се одигрува Шекспировата драма за трагичната љубов на Ромео и Јулија. Градот изобилува и со голем број монументални градби и споменици од римскиот и средновековниот период па за љубителите на виното оваа година беше осмислена и четиридневната манифестација „Vinitaly and the City” во текот на која, на историски локации ширум Верона можеше да се дегустира и зборува за виното.

Под називот „Vinitaly Universe”, организаторите оваа година овозможија стручни обуки и тренинзи, учество на натпревари и награди, но и пристап на дигиталната платформа “Vinitaly Plus”, која на учесниците на саемот им овозможува да останат во контакт и по завршувањето на манифестацијата.

Виолета Геров

Фото: МИА/Wines of Macedonia/VinItali/Влада

Остани поврзан