• четврток, 19 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МААЕ: Разговорите Иран-САД за нуклеарната програма се во клучна фаза

МААЕ: Разговорите Иран-САД за нуклеарната програма се во клучна фаза

Дубаи, 17 април 2025 (МИА) – Разговорите меѓу Иран и САД за нуклеарната програма на Техеран се во „клучна“ фаза, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.

За време на неговата посета на Иран, тој исто така истакна дека агенцијата најверојатно ќе биде клучна за потврдување на согласноста на Иран доколку се постигне договор.

Иранските и американските власти повторно ќе се сретнат в сабота во Рим, како дел од новата рунда разговори по првата средба минатиот викенд во Оман.

Министерот за одбрана на Саудиска Арабија, принцот Калид бин Салман, во исто време е во посета на Иран, највисокиот функционер од кралството што го посети Иран откако двете земји ги подобрија односите со посредство на Кина во 2023 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано се закануваше дека ќе изврши воздушни напади врз иранската нуклеарна програма доколку не се постигне договор. Иранските власти се повеќе предупредуваат дека би можеле да се придвижат кон производство на нуклеарно оружје со нивните резерви на ураниум кои се речиси доволно збогатени.

Гроси синоќа пристигна во Иран и се сретна со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи. Тој денеска се сретна со првиот човек на Организацијата за атомска енергија на Иран, Мохамад Еслами, а потоа ја посети салата во која беа претставени дел од цивилните нуклеарни проекти на Иран.

- Постои можност за добар исход. Ништо не е загарантирано. Мораме да се погрижиме сите парчиња да дојдат на своето место за да го постигнеме овој договор, рече Гроси.

- Знаеме дека немаме многу време. Затоа сум тука. Затоа сум во контакт со САД, додаде тој.

Коментирајќи ги заканите на Трамп за напад на Иран, Гроси повика да се „концентрираат на целта“. јт/

Фото: Гроси на Х

Остани поврзан