• петок, 22 ноември 2024

Локализиран пожарот на грчкиот остров Крит

Локализиран пожарот на грчкиот остров Крит

Атина, 7 април 2024 (МИА) – Големиот шумски пожар што вчера избувна во близина на градот Иерапетра во југоисточниот дел на грчкиот остров Крит, денека е локализиран, откако пожарникарите и во текот на ноќта продолжија со гаснењето, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од противпожарната служба на Грција, интервенираат 186 пожарникари со 12 пешадиски тима, 38 возила и четири хеликоптери, од кои еден е за координација, а доцна синоќа на островот пристигнаа и 17 пожарникари од Атина.

Во текот на вчерашниот ден превентивно беа евакуирани жителите на четири населени места, а повредени беа три лица, од кои 74-годишен маж е хоспитализиран со сериозни изгореници.

Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека вчера, за 12 часа, односно од 6 до 18 часот во земјата избувнал 71 шумски пожар, а надлежниот министер Василис Кикиљас одржа состанок со тимот метеоролози и со Координативното тело со учество на сите инволвирани поради прогнозите за силен ветер во следните денови во различни региони на Грција, што резултира со опасност од истовремени пожари.

Паралелно, според противпожарната служба на Грција, во текот на вчерашниот ден биле уапсени три лица за предизвикување пожари во различни делови на земјата и им била изречена парична казна во висина од 500 евра. ср/мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан