• недела, 22 декември 2024

Лога: Образованието на експертите и размената на искуствата важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал

Лога: Образованието на експертите и размената на искуствата важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал

Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Кибер безбедноста може да се оствари само ако се располага со ефективни и ефикасни капацитети, но и ако се работи на превенција. Искуството е најдобра пракса. Образованието на експертите и размената на искуствата се важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал, истакна денеска министерот за правда Кренар Лога.

Како што информираат од Министерството за правда, говорејќи на панел дискусијата на тема „Кибер криминал-безбедносна закана во Југоисточна Европа и важноста на соработката“ на Самитот за кибер криминал на Југоисточна Европа, што се одржува во Шибеник од 21 до 23 мај, министерот Лога порачал дека е неопходно секоја држава да обезбеди сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување кога кибер заканите и нападите стануваат почести, пософистицирани и предизвикуваат сѐ поголеми штетни последици.

- Живееме во време на енормно зголемување на бројот на интернет и ИКТ корисници, поголем број достапни и ефективни електронски услуги и апликации, чиј што број е правопропорционален со нови кибер ризици и напади. Голем е бројот на случаи каде што тој тешко се открива, уште потешко се обезбедуваат докази, а во некои случаи е невозможно ефикасно да се спроведе кривичната постапка и сторителите да се изведат пред лицето на правдата и соодветно да  бидат санкционирани, рече Лога.

Како што соопшти Министерството за правда, во однос на активностите кои ги презема Владата, министерот информира дека земјава стана 103-та членка на Глобалниот форум за кибер експертиза, една од најголемите светски мрежи за интернационална соработка и градење на капацитети за кибер безбедност. 

Самитот е организиран од хрватското Министерство за правда и јавна администрација и американското Министерство за правда и на него учествуваат високи претставници на земјите од Југоисточна Европа и САД. ар/сп/

Фото: Министерство за правда 

Остани поврзан