• понеделник, 23 декември 2024

Лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) во февруари има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталирана моќност од 29,16 мегавати, со што вкупната инсталирана моќност за две години и два месеца достигнува над 616 мегавати.

Како што соопшти РКЕ, претседателот на Комисијата Марко Бислимоски изјави дека лиценци за нови енергетски инвестиции во капацитети со вкупна инсталирана моќност од над половина GW (616 MW) се издадени, изградени и пуштени во употреба за 26 месеци.

-За споредба еден блок од РЕК Битола е со инсталиран капацитет од 233 MW, а Осломеј е 125 MW од каде се произведува струја од јаглен, тоа се капацитети што се граделе со години и се дефинираат како стожери во енергетската независност. Денес, за две години и два месеца, изградени се и пуштени во мрежа нови енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 MW што произведуваат струја доминантно од Сонце, но има и од ветер, вода и биомаса. Ако направите споредба денес имаме еден нов РЕК Битола реализирано, или три нови ТЕЦ Осломеј – и токму затоа енергетската транзиција не е тема за дискусија тука таа е реалност, изјави Бислимоски.

Новите енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 MW што произведуваат струја од обновливи извори, посочува РКЕ, се доволни за потребите на 194,5 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. хс/дма/

Фото: РКЕ

Остани поврзан