• понеделник, 08 април 2024

Литванија затвори уште два гранични премина со Белорусија

Литванија затвори уште два гранични премина со Белорусија

Вилнус, 1 март 2024 (МИА) – Литванија денеска затвори уште две гранични точки со Белорусија поради закани по националната безбедност.

- Презедовме мерки за ограничување на движењето на луѓе, стоки и возила, четири од шесте гранични премини со Белорусија се веќе затворени, изјави министерката за внатрешни работи Агне Билотаите.

Литванија минатата година затвори два премини на границата со Белорусија.

- Соседството со Русија, која почна воена агресија против Украина и со нејзиниот сојузник Белорусија, чиј недемократски режим ги користи мигрантите како средство за политички притисок врз Литванија, не обврзува да преземеме дополнителни мерки на полето на безбедноста. Разузнавачките служби на Белорусија и на Русија ја зголемуваат својата активност на територијата на Литванија, посочи Билотаите.

Два гранични премини со Белорусија остануваат отворени, но на нив ќе бидат воведени нови ограничувања за пешаците и велосипедистите.

Според податоците на Литванската гранична служба, речиси 390.000 белоруски државјани ја преминале белоруско-литванската граница минатата година, што е за околу 50 проценти во споредба со 2022 година. Според Граничната служба, повеќето од нив имале патни документи на ЕУ издадени од Полска.

Односите меѓу Вилнус и Минск се влошија по претседателските избори во Белорусија во 2020 година, на кои претседателот Александар Лукашенко доби нов мандат. По изборите, Литванија и даде азил на белоруската опозиционерка Светлана Тихановскаја, која беше ривалка на Лукашенко на изборите, како и на други опозиционери и десетици илјади белоруски граѓани.

Литванија, заедно со Полска и Латвија во 2021 година се соочија бран илегални имигранти од Блискиот Исток и од Африка. Западот ги обвини Минск и Москва дека го организираа бранот имигранти. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан