Социјалдемократите освоија најмногу гласови во првиот круг од парламентарните избори во Литванија
- По пребројувањето на 100 отсто од гласовите во првиот круг од изборите, социјалдемократите имаат 18 од првите 70 мандати во парламентот, а владејачката конзервативна партија Татковина на премиерката Ингрид Шимонита има еден помалку.
Вилнус, 14 октомври 2024 (МИА) - Опозициската Социјалдемократска партија освои најмногу гласови во првиот круг од парламентарните избори во Литванија и најави преговори за формирање нова влада со левичарските партии.
Со тоа, коалицијата на десниот центар, која управуваше со Литванија во изминатите четири години, ќе треба да замине во опозиција.
Литванците во вчерашниот прв круг од изборите избраа 70 од вкупно 141 пратеник во парламентот според пропорционалниот систем. Останатите пратеници ќе бидат избрани во вториот круг од изборите на 27 октомври, на кој во секоја од 71-та изборна единица учествуваат двајцата најдобро пласирани кандидати од првиот круг.
По пребројувањето на 100 отсто од гласовите во првиот круг од изборите, социјалдемократите имаат 18 од првите 70 мандати во парламентот, а владејачката конзервативна партија Татковина на премиерката Ингрид Шимонита има еден помалку.
Лидерката на социјалдемократите, Вилија Блинкевичиуте, денеска изјави дека ќе се обиде да формира коалиција со Демократскиот сојуз, партија на левиот центар која освои осум места во парламентот. Таа најави меѓусебна поддршка за кандидатите на двете партии во вториот изборен круг.
Таа, исто така, ќе се сретне со раководството на централно-левичарска Унија на фармерите и зелените, која освои шест мандати.
Аналитичарите велат дека промената кон лево нема значително да ја промени надворешната политика на Литванија.
Во парламентот влезе и Немуно Аушра, новорегистрираната партија на десничарскиот политичар Ремигиус Жемаитаитис, која освои 14 пратенички места и Либералната унија со седум пратеници.
Социјалдемократите ја отфрлија можноста за сојуз со партијата на Жемаитаитис, која минатата година беше исклучена од евроскептичната партија Слобода и правда поради антисемитски изјави.
Резултатите од првиот круг на изборите укажуваат на продолжување на трендот Литванците да и даваат повеќе гласови на опозицијата на секои четири години.
Владата на Ингрид Шимонита, која беше формирана во 2020 година, постигна економски успех, но беше критикувана за воведувањето строги мерки за време на пандемијата на коронавирусот и за приливот на мигранти. Многумина се пожалија дека владата не направила доволно за да им помогне на бизнисите за време на карантинот и дека илјадници луѓе немаат соодветен пристап до здравствените услуги.сд/
фото:Википедија