• понеделник, 25 ноември 2024

Лимани: Подготвени сме да одиме на предвремени избори доколку биде изгласан законот за локална самоуправа

Лимани: Подготвени сме да одиме на предвремени избори доколку биде изгласан законот за локална самоуправа

Гостивар, 11 септември 2024 (МИА) – Вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар Ваљбон Лимани смета дека Законот за локална самоуправа кој е во собраниска расправа треба да помине и на тој начин да се заштеди на вонредни избори, но, ако не помине, тој и неговите поддржувачи се подготвени да одат на избори.

Лимани, кој на оваа функција дојде откако поранешниот градоначалник Арбен Таравари беше именуван за министер за здравство, одговорајќи на новинарско прашање посочи дека не знае дали законот ќе помине пред пратениците.

- Не знам што ќе биде денеска, дали законот ќе помине. Но, би било добро за нашата држава, знаејќи ја финансиската состојба и колку пари се потребни од буџетот за да се организираат нови избори, законот да помине. Посакувам овој закон да се донесе со единствена цел да не се прават непотребни расходи и да се рационализираат расходите. И да не помине, подготвени сме во секое време да одиме на избори, изјави в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

На прашањето дали ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар доколку се организираат предвремени локални избори, Лимани рече дека за ова ќе одлучуваат партиските органи и коалицијата „ВЛЕН/ВРЕДИ“.

Доколку законот помине, Лимани ќе остане на функцијата до одржување на редовните локални избори.

Собранието денес на дневен ред треба да расправа за Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за локална самоуправа, по скратена постапка, со кој се предвидува вршител на должноста градоначалник во општините каде што мандатот на избраните градоначалници престана да може да ја врши оваа функција до изборот на новиот градоначалник на општината. За да се донесе законот, потребно Бадентерово мнозинство и 81 глас. згм/сст/

фото МИА

 

 

Остани поврзан