Лидерот на АА Села, на средба со претседателот Бегај во Тирана
- Додава дека грижата и интересот на претседателот Бегај и албанската држава, за Албанците во РСМ, е „силна поддршка и мотив за нас да продолжиме да работиме на зачувување на досегашните достигнувања, надминување на предизвиците и напредување уште повеќе“.

Дебар, 7 април 2025 (МИА) - Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села и генералниот секретар на партијата, Илире Даути, денеска во Тирана оствариле средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
-Разговаравме за заедничките грижи, за состојбата на Албанците во Северна Македонија и политичките случувања во нашите земји, во регионот и пошироко, објави Села на Фејсбук.
Додава дека грижата и интересот на претседателот Бегај и албанската држава, за Албанците во РСМ, е „силна поддршка и мотив за нас да продолжиме да работиме на зачувување на досегашните достигнувања, надминување на предизвиците и напредување уште повеќе“.
-Улогата на Албанците на Балканот е клучна за стабилноста и напредокот на регионот, затоа нашата интеракција со матичната земја и политичкиот фактор на нашите простори е од витално значење, се наведува во објавата.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај, на пропатување низ нашата земја, за состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба Процес Балкан III“ што се одржа на 5 април во Софија, во Скопје се сретна со претставници на политичките партии на Албанците, но не и со Села.
На заминување за Софија се сретна со лидерот на Демократското движење Изет Меџити и на Алтернатива, Африм Гаши и вицепремиерот Арбен Фетаи.
На враќање од Софија, оствари сретна со Арбен Таравари и Блерант Рамадани, а веднаш потоа и со лидерот на ДУИ Али Ахмети и Бујар Османи. вт/нд/
Фото: Фејсбук Зијадин Села