• вторник, 21 април 2026

СДСМ: Владата на Мицкоски ги остава граѓаните сами на ударот од глобалната криза

СДСМ: Владата на Мицкоски ги остава граѓаните сами на ударот од глобалната криза

21 април 2026

Додека премиерот Христијан Мицкоски се фали дека сме „трета најбрзо растечка економија во Еевропа“ и дека имаме раст од 3 отсто, граѓаните се борат со се поскапиот живот, се вели во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално. 

Синдикалната минимална кошница за април 2026 година достигна речиси 69.000 денари. За само еден месец се покачи за скоро 1.000 денари, а од почетокот на кризата (март) за над 2.300 денари. 

Инфлацијата повторно расте, а потрошувачката кошница продолжува да поскапува и по првичниот шок од војната на Блискиот Исток.

Владата прво воведе половична мерка, го намали ДДВ-то на горивата од 18% на 10% во март, мерка која СДСМ ја бараше уште порано и со посериозно намалување на ДДВ на 5%. 

Но, сега владата на Мицкоски ја укина мерката за дизелот и го врати ДДВ-то на 18%. 

Горивата поевтинуваат на берзите, но граѓаните и фирмите ќе платат поскапо! 

Ова е класичен пример за козметички, привремени и недоволни мерки кои не штитат ништо долгорочно. 

Што можат да очекуваат граѓаните?

Просечната нето плата во јануари 2026 година изнесува 46.617 денари. За едно четиричлено семејство тоа значи дека една просечна плата едвај ја покрива половина од минималната кошница.  Речиси 3 минимални плати се потребни за да се покрие кошничката, што е сериозен проблем за работничките семејства.

Со растот на цените на храна, со поскапувањето на ѓубривата, со поскапата енергија и транспорт, стандардот ќе продолжи да паѓа.

Ќе следат:

•  Нови поскапувања на основните прехранбени производи (леб, млеко, месо, зеленчук) – инфлацијата на храна веќе се отсликува во кошницата.

•  Повисоки трошоци за транспорт – дизелот поскапува повторно, а тоа се пренесува на сè: од храна до услуги.

•  Пад на куповната моќ – особено за пензионерите, вработените со минимална плата и средната класа.

•  Раст на сиромаштија и социјални тензии – додека Мицкоски се фотографира со „европски раст“, домаќинствата штедат на храна и лекови.

ММФ веќе предупредува за притисок врз инфлацијата и економијата токму поради енергетскиот и прехранбениот шок.

СДСМ уште на почетокот на кризата поднесе сериозен пакет мерки во Собранието:

•  Намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5% (а не само на 10%)

•  Намалување на акцизата за 4 денари по литар

•  0% ДДВ на основните прехранбени производи

•  Преполовување на цените на патарините

Овие мерки се конкретни, директни и долгорочни – тие штитат и граѓани и стопанство, а не се само привремен „фластер“. 

Владата ги отфрли, а сега уште и го враќа ДДВ-то нагоре. 

Тоа не е грижа за граѓаните, тоа е грижа за буџетот на сметка на џебот на народот. 

СДСМ повторно ја повикува владата: итно прифатете ги нашите предлози пред да не биде предоцна! 

Граѓаните не можат да чекаат уште една „вонредна седница“ која само ги прави посиромашни.

Стандардот не се мери со проценти на раст, туку со тоа дали едно семејство може да го наполни фрижидерот и да плати сметки без да се задолжува.

СДСМ
Центар за комуникации со јавноста

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан