• вторник, 05 ноември 2024

Лидерите од Г20 му оддадоа почит на Ганди на последниот ден од Самитот во Индија

Лидерите од Г20 му оддадоа почит на Ганди на последниот ден од Самитот во Индија

Њу Делхи, 10 септември 2023 (МИА) - Лидерите на земјите од Групата 20 најголеми светски економии денеска го посетија меморијалниот центар посветен на основачот на индиската држава Махатма Ганди.

Светските лидери застанаа пред венците поставени околу центарот каде гори вечниот оган и е украсен со портокалови и жолти венци од цвеќиња.

Претходно денеска, на последниот ден од Самитот, тие ја додадоа Африканската унија како нова членка на Г20 и успеаја да постигнат договор за голем број прашања со омекнат тон во однос на руската агресија врз Украина.

Индија, овогодинешниот домаќин на Групата 20 богати и земји во развој, вчера го заврши првиот ден од Самитот со дипломатски победи според аналитичарите и покрај острите несогласувања меѓу моќните членки, особено околу војната во Украина.

Индискиот премиер Нарендра Моди на почетокот на Самитот најави дека Г20 ја додава Африканската унија како членка, како дел од напорите за подобрување на глобалниот југ.

Неколку часа подоцна, Индија соопшти дека успеала да ја договори конечната изјава, но дури откако го „омекна“ текстот за спорното прашање – руската војна во Украина.

Исто така, беше објавен амбициозен план на САД, Европската Унија и други за изградба на железнички и поморски коридор што ќе ги поврзува Индија со Блискиот Исток и Европа за да го поттикне економскиот раст и политичката соработка.

Денеска, откако ги завршија главните теми од агендата, учесниците го посетија Меморијалниот центар Раџгат во Њу Делхи. Меѓу нив беа и канадскиот премиер Џастин Трудо, Австралиецот Антони Албанезе и Јапонецот Фумио Кишида.

Некои водачи, вклучително и британскиот премиер Риши Сунак, германскиот канцелар Олаф Шолц и индонезискиот претседател Јоко Видоко одеа до меморијалниот центар боси, како што вообичаено во Индија се оддава почит. Многу други, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден, носеа влечки што им се даваат на посетителите.

Во овогодинешното финално соопштение, објавено вчера, ден пред официјалното завршување на Самитот, беа посочени човечките страдања и негативното влијание на војната во Украина, но директно не беше спомената руската инвазија. Во конечната Изјава се упатува на Повелбата на ОН, каде се наведува дека „сите земји мора да се воздржат од закана или употреба на сила во потрага по територијално освојување против територијалниот интегритет и суверенитет или политичка независност на која било држава, а употребата или заканата со употреба на нуклеарно оружје е недозволива“.

Западните лидери кои се залагаа за посилна осуда на руските акции на претходните состаноци на Г-20, ја прифатија конечната декларација и го нарекоа нејзиното усвојување со консензус како успех и ја пофалија Индија за придонесот во тоа. Москва изрази задоволство од прифатената декларација, додека Украина оцени дека тоа „не е нешто за гордеење“. ссм/

фото: индиско Министерство за надворешни работи

 

Остани поврзан