• петок, 22 ноември 2024

Ливерпул конечно реши да го продаде Салах?

Ливерпул конечно реши да го продаде Салах?

Ливерпул, 8 август 2024 (МИА) - На денот кога англискиот печат објави дека Ливерпул е подготвен да ја активира откупната клаузула од 60 милиони евра за да го доведе дваесет и пет годишниот шпански репрезентативец Мартин Зубименди од Реал Сосиедад, се појавија информации и дека „црвените“ конечно се подготвени да прифатат „безобразна“ понуда за Мохамед Салах ова лето.

Шпекулациите дека иднината на Салах е во Саудиска Арабија не се нови. Во јануари, Ливерпул категорично ја отфрли понудата од Саудиската Про лига тешка дури 150 милиони фунти (100 милиони фунти плус 50 милиони додатоци). Клоп тогаш јасно стави до знаење дека не доаѓа предвид клубот да се откаже од најдобриот стрелец и играч во екот на сезоната.

Очигледно сега нешто се сменило бидејќи одличниот Египќанец има само 11 месеци од договорот, по што може да го напушти „Енфилд“ како слободен играч.

Но колку е сето ова реално на само неколку дена пред почетокот на новата сезона?

Според „Фудбал инсајдер“, цврстиот став на Ливерпул од зимоска сега може да ослабне доколку навистина пристигне монструозна понуда од 100 милиони фунти во последните недели од летниот преоден рок. Очигледно тоа би била понуда што американските сопственици на клубот „тешко би ја одбиле“.

И покрај тоа што има 32 години, Мо Салах сè уште е еден од најефикасните крилни играчи во светот и губењето на Египќанецот пред почетокот на сезоната би било брутален удар за новиот менаџер Арне Слот.

„Тим ток“ потсетува дека покрај Салах, на крајот од сезоната им истекуваат и договорите на Трент Александер-Арнолд и капитенот Вирџил ван Дајк. дс

Фото: Архива

Остани поврзан