• вторник, 03 декември 2024

Ливерпул веќе сонува за титулата

Ливерпул веќе сонува за титулата

21 ноември 2024

Скај спортс

Тренерот Арне Слот беспрекорно го зазеде местото на Јирген Клоп на „Енфилд“, а Ливерпул буквално „лета“ во сите натпреварувања. Еве доказ - „црвените“ се на чело на Лигата на шампионите и во Премиер лигата. 

Замена на долгогодишен менаџер никогаш не е лесно, како што на своја кожа почувствуваа Манчестер јунајтед и Арсенал по заминувањето на Сер Алекс фергусон и Арсен Венгер, соодветно.

Но што точно прави Арне Слот толку добро и зошто транзицијата од Клоп беше толку лесна?

Цврстината на одбраната

Ливерпул има изобилство на напаѓачки таленти, но можеби одбраната е таа што ги заслужува сите пофалби во моментов. Тимот прими само шест гола во воведните 11 кола во Премиер лигата и ја задржаа мрежата чиста шест пати - повеќе од кој било друг тим.

Капитенот Вирџил ван Дајк и Ибрахима Конате формираа страшно партнерство во центарот на одбраната и им го олеснија животот на своите голмани, без разлика дали тоа беше Алисон или Каомин Келехер. „Црвените“ исто така дозволија најмалку прецизни удари кон голот (36) од која било екипа во Премиер лигата. Така, Ливерпул импресионираше понатаму, но нивниот ран успех беше изграден на цврста дефанзивна основа.

Елиминирање на панични изјави 

Додека многу тимови би почнале да паничат кога би знаеле дека на нивните тројца најдобри играчи им истекува договорот на крајот од сезоната, Ливерпул не го стори тоа. И во очите на јавноста и на теренот, „црвените“ не покажуваат знаци на загриженост за можноста да ги загубат Ван Дајк, Салах и Александер-Арнолд на лето. Слот продолжува да го извлекува најдоброто од Вирџил и „кралот на Египет“, додека неодамнешната повреда и неконзистентната форма на Трент, кој има само една асистенција во лигата, може да се смета за единствена грижа. Недостигот на хистерија околу клубот е заслуга на Слот.
-Би било чудно да немам информации. Мислам дека не треба јавно да зборувам за тоа. На оваа тема разговарам со спортскиот директор Ричард Хјуз, изјави Слот неодамна.

Одличните формации

Колку и да е импресивен Слот во справувањето со медиумите, неговото управување со играта може да се истакне во раните фази од неговото време на „Енфилд“. Без разлика дали се работи за мотивациони зборови на паузата или големи промени за вториот дел, како што се случи во пресвртот од 2:1 против Брајтон, Холанѓанецот ги идентификува проблемите во својот тим и без двоумење ги решава.

„Црвените“ постигнаа 23 гола и примија само пет во вторите полувремиња од нивните натпревари во сите натпреварувања. И тоа покажува дека Ливерпул е се посилен како одминува времето во нивните натпревари.

Изненадувачката форма на Гравенберх

Никој не очекуваше дека Ливерпул оваа сезона ќе биде предизвикувач за трофеи и тоа не беше само поради смената на менаџерот. Грузискиот голман Џорџи Мамардашвили и италијанскиот крилен напаѓач Федерико Киеза беа единствените нови засилувања на „црвените“. Сето ова значеше дека Ватару Ендо остана единствениот одбранбен играч за врска во тимот оваа сезона. Или така мислеа „експертите“. 
Сепак, холандскиот играч за врска Рајан Гравенберх е пријатното изненадување. Тој е незаменлив стартер и со еден натпревар повеќе ќе го израмни својот резултат за цела минатата сезона. Дваесет и двегодишниот играч од средниот ред имаше корист од соработката со својот сонародник, кој брзо сфати дека Гравенберх може да напредува како бр.6 со оглед на неговите квалитети. И благодарение на него не се бараа нови подобрувања во оваа област.

Тешка серија на натпревари

Не беше лесен стартот на сезоната за Ливерпул, но се очекува притисокот да се зголеми во наредните недели. Слот и неговиот тим ќе ги тестираат своите способности додека се подготвуваат да се соочат со Реал Мадрид, Манчестер сити, Њукасл и Евертон во следните пет натпревари. Екипата излезе неприкосновена од натпреварите против Јунајтед, Арсенал и Челси, но ќе треба да го покажат најдоброто од себе ако сакаат да го задржат својот импресивен почеток.

Претстојната серија на дуели ќе биде најголемиот тест за Слот досега. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан