• вторник, 03 декември 2024

Либан ги повика САД и Франција да извршат притисок врз Израел да го почитува примирјето

Либан ги повика САД и Франција да извршат притисок врз Израел да го почитува примирјето

Бејрут, 3 декември 2024 (МИА)  - Либанските власти ги повикаа Вашингтон и Париз да извршат притисок врз Израел да го почитува договорот за прекин на огнот, откако израелските напади и ракетите на Хезболах повторно го прекршија примирјето во јужен Либан.

Привремениот либански премиер Наџиб Микати и претседателот на парламентот Набих Бери им се обратија на американските и француските официјални лица за ескалацијата на тензиите, наведувајќи дека прекинот на огнот „ослабнал“ помалку од една недела откако стапи на сила, јавија британските медиуми.

Договорот со посредство на САД, што стапи на сила на 27 ноември, му забранува на Израел да започне офанзива на либанска територија, додека Либан мора да го спречи Хезболах да го нападне Израел.

Бери повика на брзо распоредување на механизам за следење, што ќе започне да го следи почитувањето на прекинот на огнот, додека Израел тврди дека неговата воена активност е насочена кон одржување на мирот.

Според либанските власти, најмалку 11 лица загинаа вчера во израелските напади врз Либан, кои тие го оценија како најтежок ден од почетокот на прекинот на огнот.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан