• недела, 22 декември 2024

Лекарска комора: Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневања

Лекарска комора: Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневања
Скопје, 25 јули 2022 (МИА) - Лекарската комора денеска преку соопштение информираше дека останува остворена за соработка со надлежните институции со цел да се расветлат сите случаи кои упатуваат на пропусти во постапките за лекување на пациенти со Ковид -19. - Лекарската комора изразува длабоко жалење за личните трагедии на пациентите и семејствата и останува отворена за соработка со надлежните институции, медиумите и пациентите, во рамките на она што се нејзини законски надлежности со цел брзо и ефикасно расветлување на сите случаи кои упатуваат на пропусти во постапките за лекување на пациенти со ковид 19, се наведува во соопштението. Од Лекарската комора посочуваат дека од започнувањето на пандемијата со Ковид 19 поднесени се поголем број барања за вонреден стручен надзор, но оти на овие барања не може да се одговори со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите кои треба да го направат надзорот, се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои истовремено се ангажирани на работните места поради зголемениот број на пациенти. Од Комората објаснуваат дека за секоја пријава се формира посебна комисија која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите кои се нејзини членови се прави врз основа на тоа за каков случај станува збор. Велат дека во комисиите поврзани со случаите со Ковид-19 требало да се вклучат инфектолози, пулмолози, анестезиолози, кои се дефицитарни специјалности и кога станува збор за лекување на пациентите, за лекарите тоа е приоритет во однос на ангажманот во стручниот надзор. Треба да се разграничи дека стручниот надзор не е судско вештачење, односно тој не прави реконструкција на настаните, велат од Комората, туку ја констатира состојбата врз основа на расположлива документација и земени изјави од доктори и други здравствени работници кои активно биле вклучени во лекувањето и третманот на пациентот и дава стручно мислење. Согласно Законот за здравствена заштита, од Лекарската комора информираат дека имаат овластување за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценца за работа на докторите по медицина. - Кога е во прашање стручноста на лекарот, законот предвидува привремено и трајно одземање на лиценцата, кое во двата случаи се прави ако постои соодветна судска пресуда со која се докажува дека докторот сторил кривично дело поврзано со здравствената дејност или сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот, се вели во соопштението. Одземањето на лиценца за работа е сериозен чин, се додава во соопштението, поради што и Законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење на судска пресуда со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело. - Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би бил сериозен атак на професијата и можност за злоупотреби. Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда, потенцираат од Лекарската комора. сх/бак/

Остани поврзан