Левица: Судскиот совет дисциплинирано почна да ги наградува и распоредува партиските кадри на ДПМНЕ низ врвот на судството
- СООПШТЕНИЕ: За изборот на Димовска контроверзно е и нејзиното партиско минато, како поранешна асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев и советничка на претседателите на Собранието - Вељановски и Георгиевски, додека пак нејзиниот сопруг е вработен во кабинетот на Тимчо Муцунски. За да биде целосна оваа партиска претстава наречена „нема веќе како до сега” - Димовска за оваа функција ја предложи членот на Судски совет, Данка Ристова, која е свежо инсталирана членка на Судскиот совет и сопруга на градоначалникот на Радовиш од ДПМНЕ, Ацо Ристов.
Скопје, 6 јули 2025
Откако Судскиот совет дисциплинирано почна да ги наградува и распоредува партиските кадри на ДПМНЕ низ врвот на судството, Мицкоски ја закопа сета своја „гневна принципиелност“. Од грлата што до вчера најавуваа протести, маршеви и децидно барање оставки - денес не се слуша ниту збор.
Правната фела реагираше на скандалозното назначување на судијката Даниела Димовска, која спротивно на Закон (како единаесетта рангирана) беше избрана од Судскиот совет за в.д. претседател на Кривичниот суд. Ваквиот избор на единаесетти рангиран судија е директно кршење на членот 89 од Законот за судовите, кој вели: ,,...Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови."
За изборот на Димовска контроверзно е и нејзиното партиско минато, како поранешна асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев и советничка на претседателите на Собранието - Вељановски и Георгиевски, додека пак нејзиниот сопруг е вработен во кабинетот на Тимчо Муцунски.
За да биде целосна оваа партиска претстава наречена „нема веќе како до сега” - Димовска за оваа функција ја предложи членот на Судски совет, Данка Ристова, која е свежо инсталирана членка на Судскиот совет и сопруга на градоначалникот на Радовиш од ДПМНЕ, Ацо Ристов.
Спектаклот со интерпелациите на ДПМНЕ во Собранието и изгласаната недоверба на половина членови на Судскиот совет, не беше ништо друго, освен ефикасен метод за нивно дисциплинирање по диктат на извршната власт - членовите на Советот беа издресирани да почнат беспрекорно да ги спроведуваат партиските кадровски желби директно од старото фамозно „тефтерче”.
Мицкоски, кој до пред неколку месеци ја тресеше државата со гнев против Судскиот совет, сега го нема ниту една критика да изусти. Затоа што кога Советот ќе почне да ги испорачува кадровските сметки на новата гарнитура, одеднаш молчењето станува злато. Во оваа пародија, за очекување е премиерот единствено да изјави дека не се меша и нема навика да се меша во судската власт.
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица
_______________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива